Сиромаио и арно да речи, никој не го слуша.

Потребно време за читање: < 1 минута

Еден сиромав чоек седел до некој чорбаџии и слушал што се разгоараа. Муабето му бил за оти имало многу глувци. Поголемио чорбаџија велел оти глувците му го изгризале железото што го продал на дуќан, и сите му го потврдиле зборо.

-Вистина, вистина чорбаџи-му рекол сиромаио-има многу глувци, чунки што имав троа брашенце ми го изедоа!

Неќејќи му го зборо чорбаџијата од сиромаио, му рекол:

-Ај не туку лажи, бре чоече, кај јадат глувците брашно? Да је жито, можи, ама брашно не јадат. Ама не је, браќа, јас као што велам?-му рекол на друзите чорбаџии што биле околу него.

Сите му го потврдија зборо на богатио и го застрамија сиромаио.

-Туф, бре, гиди, јас брашното реков ми го јадат глувците, чорбаџиите не ми го потврдија, а пак чорбаџијата рече железото го јадат-тоа што не било до денеска, му го потврдија. Што беше оваа пуста сиромашија, што да нема час?-си рекол сам со себе и уште еднаш не беше ошол при чорбаџиите на муабет.

Leave the first comment