СОВРЕМЕ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

11. Повлекување

Нема искра во твојата зеница
откога студ навлезе во говорот
пред пустелија во која неминовно
исчезнува сечиј жив
и премален и угаснат живот.

Го разбирам твоето повлекување
пред мрачнина со молскавици
помеѓу насилни облаци дојдени
на твоето небо што одамна
не го споделуваш со несогласни.

Се надевам дека скоро и совреме
ќе излезеш од беспомошноста,
па пак ќе се исправиш пред мене
извишена, возвишена, восхитна,

како родена среде песна
која без престан го воспева
непокорот на обезимените
обезгласените, обессилените.