СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Немошен, поетска студија за беспаќата во човекот

Потребно време за читање: < 1 минута

108. Уште ме крепи коренот

Продолжувам со народ
надежен и несомнен,
насобран од секаде,
од никаде, совреме,
за заедно да стасаме
до прв збор на сонцето
кое изгрева во нашата крв,
а зајдува со сечиј издив.

Патов ни е стрмен,
овде-онде врвица;
некогаш меѓу
недогледни врвови,
некогаш меѓу
две пустелии без време,
што да можеме само
да го прелетаме.

Продолжувам со мој народ
надежен и несомнен,
до прв збор на сонцето
на кој ќе му дадеме
наше значење, наш знак
и наш симбол;
па ќе го испееме во песна
што ќе нѐ слави,
што ќе нѐ памети дека
сме достојни на семето
и коренот.

Мене уште ме крепи
коренов сенароден;
иако веќе ми дотежуваат
коскиве,
иако веќе ме снеможат
годиниве;
па ми станува сѐ помачно
и сѐ понеизвесно
прелетувањето на патов
кога е меѓу две пустелии
без време.

Ама ниту јас народов
ќе го оставам неиспеан,
ниту народов мене
ќе ме остави сам
со првиот збор на сонцето;
откако ќе му дадеме
наше значење, наш знак
и наш симбол;
за достојност на семето
наше безвременско.

Прочитај и за ... >>  СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Неволен, поетска студија за беспаќата во човекот

 

Leave the first comment