Потребно време за читање: 3 минути

10.

Сонцева не чувствува никаква потреба, камо ли обврска кому било да му го претставува, да му го прикажува Михаил каков што бил. Најмалку на Ма. За неа е сосем доволно да го раскаже почетокот на таа љубов, од разминувањето со него при нејзина неделна прошетка по кејот, заигрувањето на нејзиното срце, разбуденото чувство на близост, неговото загледување во нејзината убавина. Таа нивна прва средба навистина била случајна? За неа е поважно, можеби најважно заедничкото одење по нејзиниот и патот на нејзините предци и на нејзините потомци-на самодокажување, извишување, на затврдување на самобитноста. И тоа создавајќи, градејќи, надградувајќи, оставајќи им на потомците непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење. Единствевно така? Да!

Зошто љубовта со Михаил на Сонцева ѝ е една од двете љубови што ѝ останале непреболени, што ѝ оставиле трајни лузни на срцето и душата? И зошто најнапред ја споделила со Ма? Можеби поради ненајденото напуштање на татко ѝ Светол?

Каква љубов? Штом е една од нејзините две што ѝ останале непреболни, таа не можела да биде поинаква од непорочна, чувствена, длабоко искрена, доверлива. И внатрешна и интимна и страсна и безгранична. Без никакво неразбирање, недоразбирање, без никаков прекор, без премолк и воздржаност.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

-Знаеш Ма, Михаил беше висок, строен маж, со мажествена убавина. Во младоста водел еднаква грижа за своето духовно и физичко здравје, продолжил и во зрелото доба. Со задоволство започнав и јас како него, многу повеќе и поревносно одошто кога бев сама во оваа моја куќа, во овој мој и наш дом; откога ти, Искра, Астрал, Извор, Темелин и Огнена тргнавте по свои врвици на животот. Двапати неделно посетувавме вежбалница, во сабота или недела искачувавме некоја од македонските планини, не пропуштавме ниеден културен настан во градот, а во народната библиотека неделно читавме најмалку едно книжевно дело од домашен или странски писател. Не знам дали е важно, но не си дозволувавме да трошиме многу време, особено не вечерни часови за гледање телевизија, вклучување во некоја социјална мрежа или пребарување на Интернет.

Неизбришлив ми е неговиот ведар лик: високо чело, румени образи, грбав нос, секогаш средени црни густи мустаци, беспрекорно избричен и и со „вечна“ насмевка на усните. Го идеализирам? Не, навистина!

-Љубовта со него. мајко, ти била навистина голема, единствена, неповторлива и непреболна.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, Воведувања, метафизички роман

-Ми беше Ма, ми беше…Беше посветен на истражување на корените на Македонија и Македонците. Со занес ми раскажуваше надолж и нашир за етимологијата. За прото Македонците, племињата од бронзениот период кои го населувале просторот на денешна Македонија, за Хомеровата Илијада во која се говори за настани во 12. и 11. век пред Исуса Христа и се спомнуваат Пајонците како сојузници на Троја, пајонскиот град Амидон на устието на реката Аксиос-Вардар, како и областите Пиерија и Ематија. Во неа се спомнува и родоначалникот на македонското племе Пелагонци, митскиот Пелагон.

Често ми повторуваше за Ематија. Го наведуваше Птолемеј кој запишал дека со тоа име се означувал источниот крајбрежен дел од античка Македонија кој бил песоклив (грчкиот збор amathos значи песочен, песочно). Ја застапуваше тезата на учени дека името Македонија има бригиско потекло и значи земја.

Знаеше детално и за Китим во Библијата, во книгата на Даниел XI, 30. Македонците се негови директни потомци. Бил син на Јаван. Земјата Китимска се нарекува сестра Ерусалимска, а според библиското родословие тоа значи дека Македонија и Израел се сестра и брат. И во првата книга од Макабиите, оригинално напишана на хебрејски, се користи „Китим“ за Македонците, а во неа се спомнуваат Филип II, Александар, Филип III и неговиот нзаконит син Персеј како кралеви на Македонците.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

-А како со него си ги доживеала двата од четирите темели на нашиот систем на постоење и опстојување-енергијата и земјата, односно енергијата на животот и земјата на нашето вкоренување?

-Енергијата на животот почнува, се збира, се извишува и никогаш не се истрошува, не угаснува само во љубовта. Ама не која било, туку секоја како мојата со Михаил. Веќе ти ја опишав и знам дека таква е и твојата со Иле. Земјата на нашето вкоренување, пак, е оваа и никоја друга. Китимска, Ематија, Македонија. И кога сме и додека не сме на неа, во неа, со неа. Тоа е непорекливо. За нас не може да има друга.

-Љубовта со Михаил ти била една од двете непреболни во животот зашто ненадејно заминал во вечноста, нели? Исто како со татко ми Светол, нели?

-Точно, ќерко моја Ма. Обете поради нивното ненадејно заминување во вечноста. Збрани, извишени и неугасливи.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here