БЕЗБЕЛИ, НА НЕБО ВЕТЕР ФРЛА ДЛАБОК ЗДИВ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

98. Ако веќе ме немаш

Се разбира
дека не можам
да бидам спокоен
ако веќе ме немаш
со сѐ што ти било
блиско
а ти е сѐ подалечно
како однесено семе
од ветер или птици
посеано
во надежен миг

се разбира
дека не ми е сеедно
ако веќе ме немаш
во сонот за друг ден
со длабок корен
на семејно стебло
кое расте
да не може никој
да го пресече
во заборав

се разбира
дека се плашам
од ноќта
што ми иде сѐ побрзо
со меч во едната
и оган во другата рака
од која
да не се разбудам
ако веќе ме немаш
макар како довик
макар како одвик

Leave the first comment