МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

28. Промоција

-Честито, млад пријателе, конечно книга! Искрено се радувам.

Стеван Мирковски е млад поет, на дваесет и три години, еден од малцината од младата генерација кои пријателуваат со Благој Рекански, искусен книжевен критичар. Тој внимателно ги следи нивните пројави во списанијата и на Интернет, а неговите гледишта, стојалишта  и критички опсервации се мошне авторитетни и ценети не само во книжевните кругови. Веќе се произнесол за творештвото на младите. Објавил неколку есеи, како и антологиски избори на песни и куси раскази. Стеван Мирковски го смета за еден од најоригиналните поети не само во неговата генерација. Радо прифати да ја промовира неговата прва објавена стихозбирка.

Промоцијата беше мошне успешно организирана, а присуствуваа бројни љубители на поетската реч, негови ближни, пријатели, писатели и други творци. Привршуваше, гостите си заминуваа, а сѐ помалуброен беше и кругот околу Рекански.

-Јас знам колку ти значи првенчето,-продолжи тој, а и Мирковски и другите го слушаа молкум.-На многумина наши истакнати, дури врвни поети им е само тоа во опусот, а со прстите од едната рака би можел да ги набројам оние на кои им е значајно, па и едно од најзначајните дела. Бидејќи те следам и те знам добро, за твојата стихозбирка реков и пак ќе речам дека е голем настан во нашата современа поезија. Сигурен сум дека со време ќе се докаже како една од пресвртните, од оние кои јас ги нарекувам меѓници.

-Благодарам, -одговара скромно Мирковски,-но сепак е тоа само мое деби во литературата.

-Прва лекција од мене!-како да го прекорува.-Вистинските творци не покажуваат скромност оти не се. Тоа не значи дека треба да го креваат носот до небо, туку на каков годе начин да ја докажуваат својата самосвесност.

Се свртува кон Ирена Симјановска, девојка со восхитна убавина, црнокоса и црноока, во долг цветен фустан:

-А од тебе, Симјановска? Уште колку ќе чекаме?

Таа:

-Воопшто да не ме чекате, Господине Рекански. Јас не мислам да објавам книга.

Реканскми изненаден:

-Како тоа?!

Симјановска:

-Мошне едноставно. Објавувам песни и раскази тековно на Интернет и според мене тоа е доволно. Имам многу негативно мислење за книгите во печатен формат.

Рекански:

-И ти ли сметаш дека судбината им е запечатена?

Симјановска решително:

-Да!

Разговорот на Благој Рекански и младите творци продолжи на тема поезијата како насушна потреба, сѐ до испивањето на пијалоците.

 

Leave the first comment