100. Неговото време
Веќе не е негово времево, а е негово. Го живее исто како проживеаното, во кое создаде многу мали и големи дела. Со иста, дури со поголема, дури со поизразита творечка енергија. И тоа без никакво прилагодување.
Никој не знае, никому не му кажува, на никој близок не му јавува дека од ден на ден и сѐ позабрзано неизлечива болештина му ја снеможи, му ја топи снагата. Па во времето што му преостанало настојува да заврши што повеќе од започнатите дела, ако не сите, и едновремено да создаде уште некое ново. Не оти му е тоа важно, туку за да не го проживува бесполезно.