Жалбата за првото либе и „два збора-два изгора“ пред разделба се мошне чести теми во македонската народна лирика. Дури и двете „врзани“ во една песна. Може да се приведат бројни примери-и останати како записи и испеани (најчесто во редуцирана, односно скратена форма. (Невозможно е да се испеат целосно поради „барањата“ на музиката, мелоритмиката итн.)
Две песни токму на приведените теми, кои според многу „елементи“ се издвојуваат од други. Откријте ги, обидете се и да ги почувствувате:
Шчо бело переш моме
Шчо бело переш моме,
шчо црно носиш?
Ил мајка жалиш, моме,
ил татка плачиш?
Ни мајка жалам, лудо,
ни татка плачам.
Туку си жалам, лудо,
првоно либе.
Това ми пошло, леле,
в туѓа туѓина.
Ни тоа си иди, лудо,
ни писмо праќа.
Само ми праќа, лудо,
брзана коња.
На којно има, лудо,
белана книга.
Белана книга, леле,
црноно писмо.
Јас да се мажам, леле,
тој да се жени!
Лудо младо и девојка
Мори, ако ти е жал за мене,
Ајде излези ти, испрати ме,
Ајде таму доле под селото,
Ајде да ти речам до два збора,
Ајде до два збора, два изгора.
-Море, што така ти ми зборуаш?
Ајде, лудо младо, ме задеваш,
Ајде ме задеваш и не жалаш:
Ајде за мојата руса коса,
Ајде за мојте чатма- веѓи,
Ајде за моето бело лице,
Ајде за моето бело грло,
Ајде за мојата рамна става.
II
Мори, ако ти е жал за мене,
Ајде излези ти, испрати ме,
Ајде таму доле под селото,
Ајде да ти речам до два збора,
Ајде до два збора, два изгора.
Ајде збогум моме, збогум душо,
Ајде јас ќе бегам на Стамбола.
-Море, што така ти ми зборуаш?
Ајде ме задеваш и не ме жалаш:
Ајде за мојата руса коса,
Ајде за моите чатма- веѓи,
Ајде за моето бело лице,
Ајде за моето бело грло,
Ајде за мојата рамна става.