КУЌА ШТО МОЛЧИ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

25. Покрај река со извор во нас

Заедно со сенката на мојот татко
веруваше дрво дека ќе поживее
некој век.

Куќата до него накривуваше
накај мирисот од темјан
во неговиот корен.

Во чекорот на патот
што го слушав како ехо
откривав сува трева
од нашите пустини,
одамна поминати,
па заборавени.

А паметам како наеднаш
изгоре крајот
од семејниот род и породот.

Мојата умора облеана во пот
случајно мина
покрај влезот од куќата
што накривуваше
накај мирисот  од темјан;
ја расплете твојата
седа плетенка од копнеж
крај огниште по љубов.

Твојата мајка
гледаше во мене
од каменот со сенката
на мојот татко.

А паметам како наеднаш
изгоре крајот од семето
за плод во ново време.

Твојата крв во длабока ноќ
се превиткуваше право
и прудолу и угоре
оти сѐ се случи
ко одамна ветер
да нѐ покрил со студ
и семолк.

А паметам како наеднаш
изгоре крајот од песната
на лебедот
дури те одлетува кон
хоризонтот.

Последно за нас на ѕид
што нѐ обѕидал,
со векови насликано:
четири жени во глас
облечени
испраќаат снеможен бран.

Leave the first comment