81. Една песна
на Големата Мајка
Се собраа во еден здив
сите богови на светот
еднодушно да запеат
незаборавна песна
на Големата Мајка.
Ме повикаа како човек
и јас да ja пеам
еднодушно со нив.
Нема ни збор во неа,
нема ни слог,
нема каков било знак
на постоење
едновремено
во минато и сегашност.
А не е нȇма,
а е громовита.
За разбирање е на сите
дека сум роден
за почеток на живот,
искуство и мисла;
е за мој род
и мое создавање
во природата, со неа;
додека сум жив,
колку што сум
во нечие паметење.
Сите богови собрани
во еден здив,
и Големата Мајка со нас,
седната на покривот
на својот дом
среде сонце;
убавина искитена
со бисери, белегзии,
прстени,
плетенки и патец
над челото.
И јас како човек
крај неа,
како рожба нејзина.