МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

16. Лето во гробница

Стариот Тодор цело лето одживеа во голема мраморна безимена гробница,  на крајот од одамна запустените селски гробишта. Што траеше необично долго, од мај до почетоков на октомври. Го одживеа како во свој дом. Сам и без никој да узнае. Гробницата голема, пространа, со по двајца мртовци на левиот и десниот ѕид; едни над други, во сѐ уште добро сочувани мртовечки сандаци со заковани капаци; на средишниот длабнатина за свеќа и мала икона на Богородица со Исус.

Живеачката во гробницата на стариот Тодор му беше секој ден иста, како во секое друго претходно живеалиште: будење во рани зори и станување од сламарицата лево од влезната вратичка; измивање на лицето и снагата на чешма средсело со бистра и студена вода, што се излева сѐ до првата куќа без покрив, врата и прозорци; појадување штогоде, собрано во запустените куќи, плевните и некогаш плодородните ниви и ливади, а сега обраснати со трње, трева и плевели; па в шума со секира за сеча на дрво за следната зима и проверка на примките да не се фатило некое диво животинче или птица; или вадење на нивчето насадено со пиперки, домати, краставици, по некоја зелка и грав-едни со други и едни по други; околу пладне засолнување од високото сонце, во гробницата, со дремка или зборување сам со себе; доцна попладне загледан во зајдисонцето и далечниот хоризонт; од квечерум до ниедно време седнат на триножно столче во тишина и длабок молк, на почетокот од врвицата што се губи во далечината, исчезнува во подножјето на голиот планински врв.

Слепилото од ден на ден сѐ повеќе го навасуваше. Тоа не му ги покриваше очите со мрачнина, туку му одземаше од сончевата изгревна и залезна светлина. Не го попречуваше во движењето оти притоа најмногу се потпираше на опитноста таложена во мислата и снагата многу години, паметењето на знаците и трагите оставени од секакви времиња на опстој, како и слушањето на звуците на природата, ревот на дивите животни и појот на птиците. Беше рамнодушен спрема него, го прифаќаше како неминовност што иде со стареењето. Сепак, совреме изделка стап од јасеново дрво, за потпирање  на снагата при одење или стоење в место.

Чија беше гробницата? Не знаеше, а и не се потруди да узнае. Тоа воопшто не му беше важно. Му беше доволно оти е пространа и со мошне поволни летни деноноќија за него. А најважно од сѐ му беше дека во неа е сосема заштитен. Не може никој да го вознемири, ништо да го обеспокои, што било да го загрози.

На почетоков од октомври стариот Тодор се разбуди во рани зори, стана од сламарицата, ги изми лицето и снагата, ги облече алиштата, па со јасеновиот стап в раце го напушти запустеното село. Тргна по врвицата што се губи во далечината и набрзо исчезна во подножјето на голиот планински врв.

Leave the first comment