76. Семе
Проговори семе
оставено на сонце
да вирее:
„Никого од вас,
луѓе страдни,
не сакав да го разбудам
дури сонувате еден
ист сон“.
Го слушнаа сите,
а најстариот меѓу нив
му пререче:
„Ти, семе наше,
оставено на сонце
да вирее,
секого од нас
што сонува и друг,
сал свој сон
мораш совреме
да го разбудиш.“
Продолжи да говори
семе
оставено на сонце
да вирее:
„Помеѓу сонот
и стварноста
отсекогаш било
и секогаш ќе биде
паметењето на време
на непокорност“.