77. Аврамовото запрашување
При крајот на спокојната квечер од пред некој ден. Едно од сѐ почестите дружења на Љуба, Самобитна сенка и Аврам.
Аврам:
-Едно не разбирам, пријателки мои. Зошто е до толку таена љубовта чија рожба сум јас, што да не може никој да ја одгатне нејзината причинско-последична поврзаност со животворноста?
Самобитната сенка:
-Тајната не би била тајна кога би можело да се одгатне тоа, Авраме. И не треба да се обидуваме да ја откриеме како дел од животворноста.
Љуба:
-Таа љубов секако била најнапред единствена и неповторлива, а потоа имала нешто во себе што морало да остане длабоко сокриено, недопирливо, неразбирливо за кој било надвор од нејзините огнови, исчекувања и соништа.
Аврам:
-Таена љубов во Прострел?! Таена рожба од неа?! Во ова наше време?! Не им се знае бројот на оние што ги нашле или сѐ уште ги бараат своите биолошки родители, па потоа иста или малку поразлична живеачка…Што може да се промени во мојата ако откријам кои биле татко ми и мајка ми? Може нешто тоа да ми се случеше во детството или младоста. Но сега…А секако ќе ги откријам…Мислам дека сум им веќе на трага…Славен Источник, најпознат вајар на мраморен женски акт во Прострел. Можно е тој да ми е татко?