КУЌА ШТО МОЛЧИ, стихозбирка

Потребно време за читање: 2 минути

18. Пред тебе вo облак и ветар

Обиди се да ме разбереш
кога не сакам ништо да преречам
од подреченово, дореченово
во некое,
во еден век минато,
со миг на умирање,
ниту како дете голомеше
без ронка леб и сол
в уста.

На подот под твоите нозе
јас го насликав твоето лице
за да ти го покажувам
како во искривено огледало,
заедно со широката насмевка
на светот што никако да научи
дека не смее да се однесува
небрежно
спрема сопственото минато
без војна,
и притоа без никаква поврзаност
со рамновесие
помеѓу срцето и душата.

Па легнав во мразна постела
и не станав сѐ дури го слушав
одѕвонот на твоите чекори
на замин.

Што ти значи тоа дека
сум станал недопирлив
за секој што би помислил
да ме запре во прелетот
на распукана, пресушена земја,
до пред плодна, до пред родна?

Не прифаќаш дека многу ми значи
минатото
во кое мои ближни, пријатели
и незнајни
од утро сјајно до по полноќ мрачна
бдееле, ме гледале, ме растеле,
ме созревале,
од секакви тежини ме бранеле.

Сите души од мене до тебе
со длабок молк прикажуваа
спомени во коски што живееле
којзнае кога,
нешто од наши животи
преживале којзнае каде,
па јас сега не знам
како да продолжам кон која било
страна на коренот оставен сам
да се шири по поврнината
на сегашнината.

Пици пливаат над распенети
реки
што се вливаат во разбрането
езеро;
не велам дека летаат,
не велам за да долетаат
до некое само ним знајно
место за презимување.

Луѓе заборавени од сите
мрежи пајажинени
низ кои од раѓање се провирале,
уморни од безбројни и безмерни
будења и заспивања,
извишувања и струполувања
наземи,
главите ги ставаат под вода
а кога ќе си ги заробат во меури
што сѐ побавно и сѐ поретко
излегуваат на виделина,
трчаат кон под земја.

Како да прикажам во меѓувреме,
додека не премостат нови
премрежија,
почеток на ново лунѕање
низ предели неосвоиви,
неспитомени?

Конечно те чувствувам
в гради
и те смислувам
како стануваш единствена
убавина
што занесува дури ми се
прикажуваш
во облак и ветар.

Пустелијава со тебе ми е
туѓа и студена и судена
како пред последен издив
од самота.

Пустелијава упорно се обидувам
да ја наполнам со секакви бои,
од црвена до црна,
за пак да не почнеш сама
некоја бесцелна игра.

Leave the first comment