МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ-збирка раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

14. Беше

Средовечен, просечно висок, слабикав; исправен, со крената глава, стамен чекор; со ведро чело, блага насмевка, прониклив поглед; промислувач, човек од збор и со достоинствен молк.  Беше припрост и срдечен. Беше?! Да, беше. Да, значи веќе не е.

Никој од оние што го знаеја и познаваа, ниту од оние што го среќавале или само слушнале понешто за него некое време, месец, два, три, нема никаква информација; не може да се искаже за што било поврзано со неговото битисување. Како да пропаднал в земја, како да отишол во неврат.

Што се случило? Што можело да му се случи? Добрите познавачи на стварноста и современиот живот имаат едно објаснување, но немаат никаква потврда: исто како уште неколкумина како него или слични на него-промислувачи, луѓе од збор и со достоинствен молк, припрости и срдечни, и тој се повлекол во себе, просто се затворил; па се искачил на висока планина, навлегол во шума со секакви стари извишени дрвја со длабоки корени, си направил дрвена колипка крај извориште и заживеал во согласност со природата.

Сретнав едно човече, од оние што живеат од денес за денес, на кои ништо не им значи минатото и воопшто не размислуваат за иднината, кои колективната живеачка ја сведуваат на поднесување и обусловеност. Ми тврдеше дека неодамна се сретнал со човекот што беше и веќе не е. Не му поверував, ама ми остана во мисла тоа што притоа му го рекол нему за паметење:

„Се менува природата, а наспоредно со неа се менува и човечката. Се менува сама, ја менува тој. Ја менува тој својата менувајќи ја нејзината. Причински? Последично? Секако. За жал, обете стануваат сè повеќе минливи, безначајни и сè пократкотрајни. Динамика на животот? Многу повеќе на смртта, на исчезнувањето. Се движат паралелно или се судираат? Подеднакво…Јас, а мислам и сите како мене во планинава, во шумава, веќе нè има достатно, одбивам да умирам како сите човечиња на светов: во свое и со свое време, на кое од ден на ден сè повеќе ќе му ги принесувам како жртва благодатите и придобивките на заедничкото“.

Leave the first comment