Биолошката разновидност ја подразбира разновидноста на живите организми кои настануваат на копно и во вода, како и разновидноста во рамките на различните видови, помеѓу видовите и екосистемите. Биодиверзитетот не е само севкупната разновидност на формите и појавите на растителниот и животинскиот свет, туку и разновидноста на функциите на живите организми.
Поради опстанокот на планетата и хармоничниот соживот на човекот и природата, светот би требало да се насочи на две главни цели: зачувување и одржливо користење на биодиверзитетот.
Зачувувањето на биодиверзитетот е конзервација и обновување на нарушените екосистеми и природните станишта, како и зачувување и опоравување на растителните и животинските видови.
Одржливото користење (Sustainable use) е такво користење на компонентите на биолошката разновидност, кое не предизвикува нарушување на биодиверзитетот, туку претставува рационално користење на природните добра и одржување на оној степен на потенцијалот на биодиверзитетот кој одговара на потребите и стремежите на денешните и идните генерации.
Генетичкиот диверзитет подразбира варијабилност на живите видови на Земјата и генетичка информација за сите видови на растенија, животни, габи и микроорганизми на Земјата кои, секоја посебно, имаат специфична генетска комбинација создадена со еволуцијата, и која не може да се повтори во други видови.
Специјалниот диверзитет го опфаќа вкупниот број на органски видови во сите екосистеми на Земјата, од прапочетокот на животот. Според некои податоци, Земјата ја населуваат помеѓу 5 милиони до 80 милиони растителни и животински видови, од кои се познати и опишани само околу 1,5 милиони видови. Постојат милион мали безр’бетници (главно инсекти) кои сочинуваат 73% од севкупниот жив свет. Од опишаните животински видови, 4.763 се цицачи, 9.946 се птици, а рептили, водоземци и риби има повеќе од 35.000.
Екосистемскиот диверзитет ја означува вкупната разновидност на стаништата и биоценозите, како и еколошките процеси во биосферата.
Според извештајот на Обединетите нации, климатските промени влијаат врз биолошката разновидност, односно доведуваат до промени во навиките и животните циклуси на билошкиот свет на Планетата.
Климатските промени од 1800. година досега предизвикаа намалување на масата на глечерите, при што нивото на морето е зголемено за 10 до 25 сантиметри, а дебелината на мразот на Арктикот е намалена за 40%.
Предвидувањата на Обединатите нации се дека доколку температурата се зголеми за 2,5 степени Целзиусови, околу 250 милиони луѓе ќе заболат од маларија, 3,1 милион луѓе ќе страдааат за вода, а околу 50 милиони луѓе ќе се соочат со недостиг од храна.
Од Светската организација предупредуваат дека дури и во моментов да сопре сета емисија на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, ефектите од климатските промени ќе се почувствуваат дури после 50 години.
На секој четврти вид на цицачи на Земјата му се заканува истребување, а пред изумирање се и 50% од растенијата!
Најголема опасност за животинскиот и растителниот свет претставуваат забранетиот лов и трговијата со животни, бизнис кој секоја година донесува помеѓу 5 милијарди и 8 милијарди долари и чии жртви се над 350 милиони растенија и животни.
На 1-ви јули 1975. година на сила стапи Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дивата фауна и флора (CITES), со која е регулирана меѓународната трговија со животни и растенија.
Помеѓу најзагрозените животински и растителни видови, наредени во Прилогот I (Appendix I) на CITES се наоѓаат, меѓу другите, мајмуните, тигрите, големата панда, слоновите, носорозите, тибетантските антилопи, морските желки, разни видови на крокодили и змии, од птиците папагалите, жеравите и фазаните, а од растенијата особено кактусите и орхидеите.
Според анализата за биолошката разновидност, Македонија се наоѓа на самиот врв на листата на држави познати како Европски хотспот (жариштa). Таквата положба произлегува од географската положба, како и од климатските, геолошките и хидрографските карактеристики на земјата.
И покрај фактот што биолошката разновидност во Македонија сé уште не е целосно проучена, анализите на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека кај нас поостојат околку 18.000 различни единки на флората и фауната, од кои 900 видови се македонски ендемити.
На територијата на Македонија се развиваат многу ретки и ендемични заедници, но многу од нив се загрозени и пред исчезнување, а кај други е забележанa редукција на нивните популации и намалена биолошка виталност. Спектарот на загрозување на билошкиот диверзитет е многу широк, но најчесто се загрозени популациите што живеат во шумите и водите.
Причините за исчезнување на видовите, како и за намалување на нивните популации, се поврзани со глобални фактори, како што се климатските промени, промени на озонската обвивка и слично, но главна причина е човечкиот фактор кој најчесто тоа го прави поради недоволното познавање на ретките видови од флората и фауната, но и поради комерцијални цели и колекционерски потреби.
Според официјалните податоци на Министeрството за животна средина и просторно планирење, на територијата на Република Македонија постојат 116 природни реткости од кои 107 во групата на заштитени области.