Земјоделието повеќе од другите стопански активности е загрозено од негативните влијанија на започнатите климатски промени (настапуваат се почести и подолги сушни периоди) и натамошните поскапувања на нафтата.
За тоа да се прилагоди на новите околности, стручњаците на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) посебно се залагаат за примена на технологијата на Конзервационо земјоделство, кое не е идентично со Органското земјоделство, иако во крајна линија води кон него.
Основата на оваа технологија се базира на комбинирана примена на три принципи: директна сеидба (без класично орање), постојано препокривање на земјиштето (со остатоци од претходната жетва) и ротација на земјоделски култури.
Оваа технологија на обработка на земјата има голем потенцијал за секоја големина на фарми, иако нејзиното усвојување е од најголемо значење за малите поседи и посебно оние што се соочуваат со недостиг на работна сила. Се смета дека ова е начин кој го комбинира доходното земјоделско производство со барањата за заштита на природната средина, а особено за зачувување и унапредување на плодноста на земјиштето.
Според анализите на стручњаците, интензивното земјоделство (механизација, минерални ѓубрива, пестициди) ја намалила плодноста на земјиштето во светот, во периодот од 1945. до 1990. година, за околу 13%, при што се смета дека класичното орање со превртување на земјата носи добар дел од одговорноста за оваа ситуација.
Интензивното орање на земјоделското земјиште може во пократки периоди да ја зголеми неговата плодност, но подоцна може да се очекува негова структурна деградација, загуба на органски материи, ерозија и опаѓање на биодиверзитетот. Класичното орање со превртување на земјата бара големо количество на енергија и при неговата замена со директно садење може да се заштедат 30% до 40% потрошено време, работа и гориво за механизација.
Директната сеидба го исклучува класичното орање. Оваа сеидба се спроведува со користење на посебни алати и опрема за отворање на помали дупки во земјата за уфрлување на семе и ѓубриво покрај него (ѓубривото евентуално може да се додаде површински). Битно е дека земјата при садењето се отвора во што помал обем и потоа пак се затвора. Подготовката на земјиштето пред сеидбата бара претходно сеча на плевелот и остатоците од претходната жетва или нивно валање или запрашување со хербициди за контрола на плевел.
Постојаната покриеност на земјиштето (со биолошки материјал- слама, шума од пченка, исушена трева и сл.) е важна за земјиштето да се заштити од разорното изложување на сонцето или на силни дождови, да ги снабди микро и макро организмите во земјата со хранлива материја и да овозможи микроклима во земјиштето за оптимален раст и развој на организмите во земјата, вклучувајќи го тука и коренот на засадените растенија. На овој начин се зголемува способноста на земјиштето за подобро впивање и задржување на влагата, со создавање на канали за продор на воздухот и водата во земјиштето, што натаму овозможува негов природен биолошки третман односно формирање на хумус; се намалува негативното влијание на брзото истекување на водата (од силни дождови или нагло топење на снег) од земјиштето, што инаку доведува до негова ерозија; обновувањето на плодноста на земјиштето на овој начин е побрзо од неговата деградација; се ублажуваат температурните варијации на површината, како и во плодниот слој на земјиштето, и така создаваат подобри услови за развој на коренот.
Ротацијата на земјоделските култури не е неопходна само за да им се понуди различна исхрана на микроорганизмите во земјата, туку и затоа што тие имаат корен на различна длабочина, па на тој начин користат хранливи материи од разни слоеви на земјата. Хранливите материи кои се акумулирале во подлабоките слоеви на земјиштето веќе не им се достапни на некои видови на растенија и на тој начин можат да бидат рециклирани со ротација на културите, која работи слично на биолошката пумпа. Различноста на културите при ротацијата води кон создавање на различна флора и фауна на земјата затоа што коренот на различните растенија излачува различни органски материи кои привлекуваат разновидни типови на бактерии и мувла- кои за возврат играат важна улога во трансформацијата на овие материи во хранливи материи за растенијата. Ротацијата на културите има исто така значајна фитосанитарна функција и го спречува пренесувањето на штетници специфични за одредени видови на растенија од еден посев на друг, преку остатоците од жетвата на нивата- односно го намалува ризикот од зараза на одредени растителни штетници или плевел.
Машините, алатите и опремата за директна сеидба најдобро можат да се погледаат на оригиналниот сајт на ФАО кој има добри цртежи и фотографии-www.fao.org/ag/ca/3g.html
Напомена: Овој текст е всушност извод/превод на материјал од официјалниот сајт на ФАО, па за комплетниот текст за Конзервационото земјоделство треба да се погледа оригиналниот материјал.