Развојот на граѓанското општество е предуслов за демократско созревање на секое општество. Тоа е предмет на дејствување на многу меѓународни институции, невладини и непрофитни организации. Притоа, основно е институционализирање на политиката, нејзино дефинирање, но пред сѐ поставување на правила на политичка игра и владеење на правото наместо владеење на партии или поединци.
Со други зборови, тие да станат основни механизми за решавање или ублажување на етничките и други општествени судири.
Се смета дека развојот на вредностите на граѓанското општество може да ги обедини општествата во кои етничките и други поделби и спротивности толку нараснале што можат да ја доведат во прашање идејата за државата, нејзините институции и суверенитет, а со тоа и опстанокот.
Граѓанскиот принцип, заснован како основна општествена вредност, инсистира на еднаквост на условите, правата и гаранциите за сите граѓани и како таков претставува вредност која се вградува во културата на даденото општество, правејќи го постабилно и попросперитетно.
Цивилното односно граѓанското општество се смета за автономна сфера на јавната и приватната дејност што ја надгледува државата. Станува збор за област на вонинституционални активности изразувани со посредство на децентрализацијата, самоуправата, ширењето на локалната и регионалната автономија. Услов е отворено општество засновано на владеење на правото, социјалната подвижност, комуникациите, општество на толеранција и слобода на движење на идеи и луѓе.
Една од најрелевантните дефиниции на граѓанското-цивилното општество е дека се работи за специфичен збир на општествени комуникации и социјални врски, социјални институции и општествени вредности, чија појдовна точка и главен актер е личноста како граѓанин (Википедија).
Една мошне критичка согледба за квазиразвој на граѓанското општество, од многуте во светот во изминатите години кои не допреа до нас:
Капиталистичкиот дискурс вклучува фрази како што се „договарање“, „транспарентност“, „етика“ и “блискост“. „Партнерството за социјален мир“ е во служба на одржување на социјалниот монолог. Обновувањето на динамиката на системот со негова критика, подготвеноста за кооптирање на оние што го оспоруваат, патернализмот преправен во партиципација-сите овие постапки на социјална контрола се стари колку и самиот систем.
Социологот Лик Болтански посочи дека оспорувањето, со кое неолиберализмот се соочи во 70-тите години на минатиот век, доведе до создавање на „нов дух на капитализмот“, нови стратегии на дискурсот „со цел критиката да се ублажи со признавање на нејзината исправност или напросто да се избегне така што на неа нема ни да се одговори“.
Социјалната контрола со помош на цивилното односно граѓанското општество нуди спрега на различни видови на доминација. Власта може да режира фиктивни конфликти во кои на вештачките противници шпто ги избира сама им ја препушта спецификацијата на социјалните тешкотии, а кои потоа заедно, низ разговор-не ги решаваат. Во однос на системот се противат на начин кој нема да го загрозат. Оттаму приемчивоста на „цивилното општество“ за различни варијанти на реформистичко мислење кое дозволува оспорување на некои негови аспекти, но не и на самиот принцип на неговото постоење. Со други зборови, „граѓанското општество“ се залага за измена на правилата на игра, но со оглед на својата интегрираност, и натаму кротко учествува во него.
Во симболичкото одржување на системот, протагонистите на граѓанското општество не бодрат со шармантни баналности, искрено убедени дека ги бранат универзалните вредности: слободата, правдата, хуманоста.
Културата на граѓанското општество ја ставаат во калапи сериозниот печат и разни алтернативни, урбани телевизии, нудејќи, наместо критика, готови шаблони. Тоа е „духот на системот“ кој го опсадува „граѓанското општество“, го претвора во жртва на сопствените, често благородни измами.
Интересна е заложбата за напуштање на концептот на граѓанско општество поради визијата за поинакво општество кое не почива на класна, верска или етничка дискриминација. Наместо тоа, солидарното општество е проткаено со односи на конкретни, не апстрактни човечки вредности и права, во смисла на автентична „политика одоздола“. За да му се приближиме, нужно е „да се напушти играта“, да се излезе од системот, да се отстапи од апстрактниот „социјал-шмерц“ и да се одлучи за „социјален конфликт“, за раскинување со формите на општествено-политичка комуникација и организација. Таквиот „конфликт“ би подразбирал напуштање на политичките партии, на етатизираните синдикати, на бирократизираните невладини организации, и да се тргне во потрага по нови форми на здружување.
Она што во развиените демократски земји е актуелно со години наназад, дури сега се актуелизира се повеќе кај нас: потребата од еден „хоризонтален социјален дијалог“. Имено, од историјата е познато дека секој вертикален дијалог се претвора во монолог во кој работниците прво остануваат без зборови, а потоа без работа. Хоризонталниот договор, пак, би се одвивал помеѓу сите учесници на општествено-економските процеси-сите работници, и оние интелектуалните, кои ја изгубиле или допрва ќе ја изгубат работата, пребегнатите и „раселените“ лица кои немаат што да изгубат, студентите кои не можат да ги плаќаат студиите, селаните, активистите на општествени движења, феминистките кои би требало одново да го откријат „светот без донации“. Каде би можел да не одведе тој хоризонтален дијалог?
Најнапред, би можел да опфати „минимален заеднички план“, поинакво социјално право во кое би влегле барањето за задолжителна минимална плата, оспорување на приватизацијата како модел (не моделот на приватизација), инсистирање на стратегии кои не се насочени на краткорочни профити туку на зачувување на необновливите ресурси и природното опкружување, како и на финансирање на дејности непознати на домашниот финансиски свет, а кои нудат тн. партиципативна и солидарна економија.
Наместо транзициониот и продуктивистички култ на приватизација можно е да се инсистира на солидарна или партиципативна економија, на транзиција која се заснова на општество на колективна иницијатива и волја, и која, во своите пресметки, ја зема предвид и цената на патењето и сето она што има поголема вредност од профитот.
Предоцна за сето тоа? Козјане.
На Интернет постојат голем број презентации на развојот и унапредувањето на граѓанското општество ширум светот. Нудиме мал избор:
Center for Civil Society Studies
http://www.jhu.edu/~ips/civil.soc.html,
Center for Civil Society International (CCSI)
http://solar.rtd.utk.edu/~ccsi/info/ccsi.htm,
CIVITAS
http://www.civiced.org/,
CIVICUS
http://www.civicus.org/,
Directory of Civic Education Organizations and Programs
http://civnet.org/orgprog/orgsprogs/edib-alf.htm.