Од древниот свет: Вавилон

Потребно време за читање: 2 минути

Проучувањето и запознавањето на древниот свет го потврдува континуитетот на човековото постоење. Едновремено, исчезнатите светови и народи, нивните траги, остатоците од нивните живеалишта, го откриваат и дисконтинуитетот на светот што го создава Човекот, на времето што тој го освојува и на непостојаноста на животот.

Напишани се бројни студии за старите народи-археолошки, антрополошки, социолошки. Oдгатнати се многу тајни, пронајдени се многу одговори на многу прашања.

Една таква студија за таинствениот Вавилон, откриен и запознаен во многу детали, но и со траги недооткриени, неослободени од заборавот е и делото на Џоан Оутс „Вавилон“, преведено и на македонски јазик.

До запознавањето со делото на Џоан Оуст имав многу непознаници за Вавилон односно за Вавилонија, пошироко за Месопотамија. На пример, веројатно и вам ви е познато дека Вавилон, градот јужно од денешен Багдад, на долниот дел од текот на реката Еуфрат, бил престолнина на Вавилонија втемелена во II век пр.н.е., а својот најголем процут го доживува за време на Хамураби. По силни разурнувања и обновувања повторно станува величествена престолнина за време на Набукодоносор. Од народните кажувања останала легендата за кулата Вавилонска, која има свое место и во македонското народно творештво. Секако ја знаете библиската приказна за оваа градба на потомците на Ное, кои ја граделе кулата во желба да го достасаат небото. Од митологијата е познато и најголемото вавилонско божество- богот Мардук.

Со книгата „Вавилон“ на Џоан Оутс сознанијата за овој древен град и неговите жители, за нивната долга историја и нивниот секојдневен живот стануваат многу потемелни и побогати.

Пренесуваме некои без особен ред и целост:

Подрачјето на Вавилонија било една од најбогатите житници во древниот свет.

Од студијава дознаваме кои биле Сумерците и од каде дошле-тоа останува прашање без прецизен одговор, но од библиските извори биле добро познати древните семитски јазици на Месопотамија- акадскиот, вавилонскиот и асирскиот.

На Сумерците им се припишува пронаоѓањето на писмото.

Доаѓањето на Хамураби на престолот паѓа во 1792. год. пр.н.е., а разурнувањето на Вавилон во 1592. г.пр.н.е.

Под Саргон бил прифатен системот на „години-имиња“-секоја година се именувала според некој значаен настан од претходната.

На почетокот од 19. век пр.н.е. во Вавилон се појавила аморитската династија-империјални гувернери од еден крал, од Ур III, а најважен владетел бил спомнатиот Хамураби.

По периодот на владеењето на Каситите и Халдејците, кога се случува и паѓањето на Вавилон, доаѓа уште една негова голема преродба под Набукодоносор.

Еден период Вавилон бил и под македонско владеење-Александар Македонски и неговото кралство завршуваат во него. По кавгата помеѓу неговите Дијадохи („наследници“) се создаваат две нови кралства, на Птолемеите во Египет и на Селеукидите во Мала Азија.

Наследството на Вавилон е исто така големо: најубавото дело на вавилонската литература е секако епот за Гилгамеш (преведен и на македонски), како и помалку познатиот еп за Создавањето.

Извонредно постигање на Вавилонците е сложениот математички систем. Го пронашле зодијакот и ја почнале хороскопската астрологија. Вавилонците имале развиена технологија, земјоделие и риболов.

„Вавилон“ на Џоан Оуст е едно од оние драгоцени дела со кои се збогатува севидноста и уште еднаш се потврдуваат континуитетот и дисконтинуитетот на постигасњата на човековата цивилизација.

Книгата е богато илустрирана со фотографии и цртежи, а на крајот е поместена и месопотамиската хронологија-владеењето на династиите.

 

Leave the first comment