На човековата цивилизација ѝ се закануваат многу нешта. Кога ќе почнеме да ги редиме катастрофичните ризици – од нуклеарни конфликти, преку климатски промени, до неконтролирани технологии – сфаќаме дека листата не е мала. Некои од тие ризици имаат потенцијал да ја погодат самата Земјина биосфера. Долго време најголемата загриженост ја предизвикуваа евентуалните судари на нашата планета со мали тела од Сончевиот систем – астероиди и комети. И тоа со добра причина.
Денес веќе знаеме дека објекти со пречник поголем од 1 километар, според проценките на NASA Center for Near Earth Object Studies, ја погодуваат Земјата во просек еднаш на стотици илјади години. Тоа не е сценарио од научна фантастика, туку статистика.
Но, во последниве години, на пошироката јавност ѝ се „доближува“ друга, многу пореална закана. Закана што не доаѓа од вселената, туку од самата утроба на планетата. Супервулканските ерупции.
Што навистина значи супервулкан
Во конвенционалниот говор, со супервулканизам се означува вулканска ерупција што исфрла повеќе од 1.000 кубни километри материјал. За споредба – тоа е обем што ја надминува секоја историски документирана ерупција. Според податоците на U.S. Geological Survey – Volcano Hazards Program, таквите настани се екстремно ретки, но нивните последици се глобални.
Суперерупцијата произведува огромни количества стратосферски аеросоли – честички помали од еден микрон, кои со години остануваат во високите слоеви на атмосферата. Тие ја блокираат Сонечвата светлина. Настанува феноменот познат како вулканска зима – глобално заладување и еколошко пореметување на планетарно ниво.
Ако вакво нешто се случи денес, во густо населен и глобално поврзан свет, последиците не би биле само геолошки. Би биле цивилизациски.
Јелоустон, Тоба и паметењето на мразот
Во Јелоустонскиот национален парк во САД и во регионот Long Valley во Калифорнија, геолошките записи сведочат за три огромни ерупции во изминатите два милиони години. Тие го покриле северноамериканскиот континент со пепел од Атлантикот до Тихиот океан.
Но најдраматичниот и најистражуваниот случај е ерупцијата на вулканот Тоба, на островот Суматра, пред околу 74.000 години. Според геолошките анализи објавени во списанието Nature, станува збор за една од најголемите вулкански експлозии во последните два милиони години.
Експлозијата ја разнела планината и создала калдера со пречник од речиси 100 километри. Во атмосферата биле исфрлени милијарди тони сулфур диоксид – гас што создава сулфурна киселина и придонесува за драматично заладување. Во ледени јадра од Гренланд, анализирани од повеќе истражувачки тимови, токму во тој период се регистрира огромен скок на сулфатни соединенија. Мразот памети.
Генетското тесно грло
Овде приказната станува уште поинтригантна.
Со завршувањето на Human Genome Project, научниците утврдија нешто што на прв поглед изгледа парадоксално – човечката генетска варијабилност е изненадувачки мала. Луѓето од сите континенти се молекуларно неверојатно слични.
Американскиот антрополог Стенли Емброуз во 1998 година предложи хипотеза дека токму суперерупцијата на Тоба предизвикала генетско „тесно грло“ – bottleneck. Според таа теорија, човечката популација можеби се намалила на помалку од 10.000, можеби дури и под 1.000 индивидуи.
Современите генетски анализи не даваат целосен консензус дека Тоба е единствената причина за ова тесно грло, но временската коинциденција останува фасцинантна. Ако е точна, тогаш ние, сите ние денес, сме потомци на мала група преживеани во централна Африка, кои ја поминале шестгодишната вулканска зима.
Историјата како предупредување
Познатите историски ерупции – Тамбора во 1815 година, која го создаде „годината без лето“, Кракатау во 1883 и Пинатубо во 1991 – предизвикале мерливи падови на глобалните температури. Пинатубо, на пример, ја намали глобалната температура за околу 0,5 степени Целзиусови во следните две години, според податоците на NASA Earth Observatory.
Но тие биле само сенка од она што значи супервулкан.
Суперерупција со обем на Тоба би можела да ја намали глобалната температура за неколку степени, со регионални падови од 10-15 степени. Биомасата би се намалила драстично. Во свет во кој глобалниот синџир на снабдување функционира „точно на време“, без долгорочни резерви, светската глад не би била хипотеза – туку извесност.
Планети што живеат – и ризикуваат
Британскиот палеонтолог Сајмон Конвеј Морис предупредува дека единственото што можеме да направиме е да изградиме робусен, солидарен и научно напреден свет. Парадоксот е во тоа што тектонски активните планети – оние со кружење на јаглеродот, со активна геологија и магнетно поле – се истовремено планети што создаваат услови за живот и услови за катастрофа.
Енергијата што ги придвижува тектонските плочи потекнува од распаѓањето на радионуклиди како уран, ториум и калиум-40 во внатрешноста на Земјата. Без таа внатрешна топлина, немаше да има стабилна клима во геолошки временски размери. Но со неа доаѓа и супервулканизмот.
Животот и ризикот се дел од истата геолошка равенка.
И можеби најголемата закана за планетата Земја не е само во самата суперерупција. Туку во нашата неподготвеност – како цивилизација – да размислуваме долгорочно, системски и солидарно.





