Станува збор за странски термин, а во речниците на странски зборови и изрази е преведен односно објаснет со „интернационално монденско друштво”. Ако ова се прифаќа, тогаш нема место за „домашен џет-сет”-домашната хибридна класа на прекуноќни богаташи. Всушност така и е. Бесмислено е кај нас да се зборува за џет-сет, бидејќи сѐ уште живееме во една од најсиромашните држави во Европа и светот, па не е можно да се (из)врши диференцирање на социјалната структура.
Значи, „џет-сет” е „крем” друштвото во високоразвиените земји, а кога тоа ќе се преслика на домашен терен може да се зборува само за помодарство и снобизам. Доволно е во вечерните часови да се ѕирне во кафулињата и рестораните во кои се собираат тн. фаци или на „култните” места за кои „пристапница” е длабок џеб (за „бизнисмени” со одвај завршено основно и недовршено средно образование).
Не е тешко да се „наслика” домашниот „крем” (притоа не може да се гарантира дека ќе излезе „убава слика” за очите, најмалку, пак, за умот). Не треба ни многу напор, бидејќи веќе се „насликал” самиот себеси, па „боде очи”.
Неговите припадници се возат во луксузни автомобили, вратовите им се накитени со „жолто” (често имитација на злато) или бисерно-кристално (најчесто „домашна ракотворба”), задолжително со придружба на која здолништето и е „нешто” покусо од умот. Многу не зборуваат, зашто нивниот гламур трае само додека не прозборат. Фондот на зборови, пак, им е дискутабилен, но „угледот” го купуваат со прилично големи сметки во кафеаните и бакшиш кој „покрива” седмична заработка на еден КВ работник или трговец. Таквите „господа” нарачуваат само најскапи порции, но пред да го повикаат келнерот задолжително ја погледнуваат бројката заокружена во менито за да ја импресионираат „поубавата половина” на спротивната страна на масата. Пијат „дабл” виски со две коцки мраз, а ако случајно им легне „ракиичка“ на празен стомак, тоа им се случува исклучиво кога никој не гледа. Омилен писател им е Толстоевски, зашто чуле за него движејќи се и во академски кругови.
Има еден сериозен и едновремено трагикомичен проблем кога е тој-„кремот“ во прашање: ги наметнува „правилата на играта“ зашто својот „долг нос“ го турка во сферата на политиката, економијата, стопанството, па и културата.
Може да се рече дека лицата од домашното „крем“ друштво се сурогат на она што го нарекуваме џет-сет, значи некој симулиран вид, создаден на „див начин“ во процесот на транзицијата.
Правило е џет-сетот да постои исклучиво во богати општества. „Фаците“ во него се богати од различни сфери, со свој систем на вредности: моќ, слава, богатство…
Се работи за структура на свеста што се продуцира секојдневно, зашто е помогната од медиумите (специјални емисии на ТВ), а меѓу другото и поради тоа што припадниците на таквиот џет-сет се „кријат“ зад јавниот збор, некои се и сопственици на медиуми или нивниот капитал е вклучен во помагањето на таа машинерија. Елитна, а всушност малограѓанска групација. Елитна малограѓанштина во која помодарството е спакувано со лажен гламур, пренесено во сите „пори на животот“, со дури клучно место во стопанството и политиката. Сепак, доминантно место има естрадата.
Она што загрижува не е припадноста на „кремот“, туку унижувањето на кое и доброволно „подлегнуваат“ оние што се борат да влезат во него. Најбитни се парите со кои се купува сѐ: младоста, угледот, превласта, статусот, фотелјата, славата, популарноста. Тоа стана единствен „рецепт“ за успех.
Животот на познатите (се подразбира и богати оти, „логички“, не може да се стане познат односно „крем“ ако не си богат или не си со богат-богати) секогаш бил занимација за сиромашните. Каде се, што пијат, што јадат, со кого се, што и кого (о)зборуваат…
Некои социолози со право потенцираат дека џет-сетот е деформирана форма на животот, гранична цивилизација на придобивките и натпросечна моќ да се биде во некоја животна авантура. Битно е да бидеш виден и да се истакнуваш. Некои, пак, цинично „потсетуваат“ дека во светскиот џет-сет спаѓа „интернационализираната полиција под покровителство на интернационализираната дипломатија“.
Главна е забавата што се организира во тесен, „кремски“ круг и на „елитни“, најчесто тајни и таинствени места за „широките маси“ (во приватни вили). На нив оние што на брз начин, преку ноќ заработиле богатство за неколку идни генерации канат (а поканите „не смеат“ да се одбијат) познати личности од светот на политиката, спортот, уметноста, за таму да им бидат декор.
Како е на Запад? Знаеме?
На Запад универзитетски професори живеат скромен, пред сѐ мудар, творечки живот, а во џет-сетот спаѓаат успешни луѓе кои во своето занимање се први. Постојат load, midl, haj level (пониско, средно, високо ниво) и aper класа. Во која спаѓате, зависи од парите, од галите што се приредуваат, но и од занимањето-професијата. Во Америка, на пример, haj midl класата можат да ја сочинуваат лекари или адвокати. За некој да стане член на светскиот џет-сет, чии правила важат секогаш и секаде, неопходни се, освен карикатуралното поседување на авион, хеликоптер, јахта…и слободно време, манири и општа култура. Фактот дека еднаш сте добиле ВИП покана за некој богаташки прием или патување, не е гаранција дека сте станале член на кастата на „недопирливите“. Можеби таквите ќе ве сметаат за рамноправни со нив ако сте во состојба на денес омилените хуманитарни собирања одвреме- навреме да дадете прилог од 5.000 евра. Мера на значење во овие кругови е и степенот на пожелност во различни социјални опкружувања. На пример, дали вашето присуство е неопходно на некоја „журка“ за чаршијата да ја оцени со оценката „страшно“.
Мошне важно е уште нешто (кај нас само во зародиш): голема улога во „животот и сочиненијата“ на џет-сетот играат новинарите, односно нивните „гласници“. Во Велика Британија стручњаците специјализирани за пишување за кралското семејство и случувањата на кралскиот двор претставуваат институција.
Фактичка состојба: македонскиот „џет-сет“ главно се состои од бербери, кројачи, ситни трговци, просечни менаџери, манекенки за кои никој не слушнал, хостеси при мангуплаците на месните заедници… За нивна „афирмација“ како „џетсетери“ виновни се најмногу медиумите, особено електронските. Таквата нивна „активност“ со полно право е наречена „медиумска идиотизација“.
Мошне компетентен и аргументиран став на теоретичарот на уметноста и медиумите Искра Гешоска (во прилог на оваа тема во магазинот „Глобус”):
„Ја прифаќаме сервираната стварност на вредносни системи, на политички, статусни, културни конструкти без простор за критична толковност, затоа што таа стварност е правлива, речиси непостојна, маглива. Замислени авторитети и императиви кои како меури од пена кога- тогаш ќе се распрснат. Ова предизвикува тага која, пак, первертира во гнев, агресија, дезориентираност и идентитетска стагнација проследена со девалвација. Без ронка одговорност, создавачите на медиумскиот пејзаж практикуваат своевиден инженеринг на општествената моќ создавајќи „нови” елити, лишени од етички и политички вредности, без стил и вкус и со недостиг од рационално промислување. Имаме стварност што не постои, а во која симулираме псевдоопштествени кодови и норми, пресликувајќи (не) познати и далечни модели, кои потоа мутираат во чудовишни естетски, образовни, политички системи, кои како крлежи ни го вшмукуваат идентитетот. Елитите, во ова пролонгирано транзициска доба, се создаваат со насилно практикување моќ, која преку медиумската квазикултура нашите старо-нови политичарчиња, купи-продај бизнисменчиња и булументата од марионети што ги следи ја промовираат во нова, световна религија, доста заводлива и лукава. Моќта би требало да биде етичка и естетска категорија, но, за жал, таа се поврзува исклучиво со популизам и пари, кои се во сферата на сопствениот интерес. Во оваа ера и во овој простор што треба да го прифатиме како свој дом, како договорена, спогодбена општествена динамика, имаме вишок дилеми, шизофрени „графикони” на она што ни е наметнато, потребно, нужно, грдо, убаво, успокојувачко, вознемирувачко. Со кои ли техники да се преживее во новата осама на мултиплицираните лажни општествени, колективни и лични идентитети?“.
Дел од промислување на истава тема и на Проф. Д-р Сузана Милевска, историчарка на уметноста и аналитичарка на стиловите (преземено од истиот прилог):
„Сте се запрашале ли од каде произлезе неверојатната брзина со која се разви нашата „експозитура“ на културата на славните, колку комична и сиромашна да е таа? Не дојде ли до тој вртоглав развој токму со либерализацијата на дистрибуцијата и пазарот на информациите, поточно со приватизацијата на медиумите? Од друга страна, рекламата – поткрепа на еден производ од страна на славните личности (celebrity endorsement) уште повеќе ја нагласуваат врската помеѓу неолибералното производство на вишок фелерични визуелни знаци и континуираната потреба од фелеричните славни личности. Токму затоа беспредметни се прашањата од типот „Како е можно….“, бидејќи во културата и светот на славните, како и во рекламата, не само што „сѐ е можно“ туку сите механизми и структурни шеми на овој вид (пот)култура се во функција на вртоглавото уживање во произволноста на нововоспоставените врски помеѓу дотогаш неповрзливите псевдобогови со нивните псевдоикони. Добредојдовте во реалното шоу на големиот „забавувач, хуманитарец и мој драг пријател веќе 25 години“, познатиот „ескаполог“ од лудачката кошула на знаците – Бодријар“.
(Напомена: Користени се повеќе текстови објавени на Интернет)