Богатењето на јазикот со странски зборови и изрази

Богатењето на јазикот со странски зборови и изрази

Во едноставноста е силата, не во маглата

Во едноставноста е убавината и силата на мислата. И сега те прашувам директно, без заобиколување: зошто туѓи-странски зборови ако имаме наши-домашни? За да звучиме поумни отколку што сме? Нонсенс. За да изгледаме поважно, подлабоко, „покомплицирано“? Чуму тоа, ако на крајот никој не нè разбира, па ни самите себе?

Јазикот е жива материја, но не и изговор

Се разбира, не треба да се бега од странските зборови. Јазикот е жива материја – се движи, се менува, се надополнува, се богати. Така било и така ќе биде. Во македонскиот јазик, како и во секој друг, имало, има и ќе има многу странски зборови и изрази. Но и оние што ги смислиле-измислиле наши писатели, поети, други творци. Најчесто од нив кованици или „неправилни“ изведенки од постојни именки, заменки, придавки.

Кога странскиот збор има смисла

Кога е збор за странските зборови и изрази, најдобро е, ако може, тие да ни бидат синонимни. Проблемот не е во странскиот збор. Проблемот е во неговата празна, нефункционална и често погрешна употреба.

На пример, латинскиот израз conditio sine qua non е правилно употребен кога навистина зборуваме за услов без кој нешто не може да постои – неминовен и неопходен предуслов. Токму така е објаснет и во лингвистичките речници и на енциклопедиските извори како Википедија, каде поимот е јасно дефиниран.

Пример: „Цената на трудот, неговото вреднување, и во квантитативна и во квалитативна смисла, за нашата севкупна стабилизација и преструктирање на општествено-економскиот живот е qonditio sine qua non”.

Прочитај и за ... >>  Секој збор-судбина: со знаци, звуци и воздиви

Тука странскиот израз не глуми памет. Тој точно кажува што сакаме да кажеме.

Кога маглата ја заменува мислата

Но што се случува кога странскиот збор се користи за да прикрие нејасна мисла? Кога велиме дека нешто е „небулозно“, а можеме едноставно да кажеме дека е нејасно, матно или неразбирливо. Латинското nebulosus токму тоа значи.

Пример: „Имаме премногу небулозни решенија во нашето законодавство, па тие мора да се заменат со јасни и прецизни формулации”.

Небулозен (латински nebulosus)-магловит, облачен, матен, нејасен, неразбирлив.

Истото важи и за „рецептивен“ и „апоретичен“. Првиот значи способен за примање, отворен, чувствителен. Вториот – сомничав, скептичен, оној што се двоуми. И двата поима имаат свое место, но само ако точно знаеме што значат.

Пример: „Познавам многу рецептивни луѓе, но и апоретичари во сѐ поголем број”.
Рецептивен-способен за примање, чувствителен за нешто.
Апоретичен-оној што се сомнева, скептичар.

Кога странскиот збор станува алиби

Најопасно е кога странските зборови се користат како алиби за нејасно размислување. Кога „имплицира“ може да биде „содржи“, кога „детерминира“ може да биде „определува“, а мислата не само што не губи сила, туку станува појасна, поточна и – поискрена.

Истото важи и за „релевантно“ и „супстантивно“, кои често се користат како украс без суштина. А љубовта, ако е искрена и длабока, не трпи небулозни формулации. Таа бара јасен збор.

Пример: „Твоето тврдење дека ова не е време на сонувачи имплицира недоверба во она што го детерминираш како сопствено искуство”.
Истото, но поубаво, поедноставно би се рекло вака: „Твоето тврдење дека ова не е време на сонувачи содржи (опфаќа) недоверба во она што го ограничуваш (определуваш) како сопствено искуство.

Прочитај и за ... >>  Отворена страница на постој и опстој

Пример: „Ништо не е релевантно, ниту супстантивно во твојата љубов кон неа”.
Истото, но поубаво, поедноставно и посилно: „Ништо не е значајно, ниту самостојно во твојата љубов кон неа”.

(Небулозен пример што тешко се поврзува со едноставната, искрената, длабоката љубов.)

Кога незнаењето станува смешно

Има ситуации кога погрешната употреба на странски зборови не е само нејасна, туку и комична. Кога некој ќе каже дека слухот му е „резонантен“ и дека „елидира кон суштината“, тогаш проблемот не е во јазикот, туку во незнаењето. „Резонантен“ значи звучен и јасен, а „елидира“ значи изоставува.

Пример: „Твојот слух е толку резонантен што елидира кон суштината, кон основното значење на зборот”.

Сосема погрешна употреба на странски зборови поради нивно целосно непознавање. Ако вака сте кажале, вие сте смешни пред оној што ве слуша. Сигурно не би се изразиле така, кога би знаеле дека: резонантен значи звучен, силен, јасен, а елидира-изоставува, исфрлува (елизија е изоставување на непотребни самогласници во еден збор).

Наведениот исказ „преведен” е вистински нонсенс:

„Твојот слух е толку силен (звучен) што изоставува (исфрлува) кон суштината, кон основното значење на зборот”.

Го разбравте? Јас не.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.