Стручњаците, но и современите-модерните „обични“ луѓе, потенцираат дека совршениот кујнски амбиент денес мора да ги задоволи еднакво потребите на функцијата и дизајнот, а со новите технологии производителите на кујнски апарати веќе развиваат корисни проекти кои во домаќинствата ќе се појават во непосредна иднина.
На пример, системот за hands-free подготовка на храна и пребарување на рецепти, компјутерска анализа на состојци или процеси на подготвување и чување на продукти.
Некои од најнапредните идеи за овие направи потекнаа од кујната-лабораторијата Counter Intelligence (CI) одделението на Медиумската лабораторија на Институтот за технологија во Масачусетс (MIT), која се занимава со производство на иновативен кујнски дизајн.
Група на постдипломци по електротехника, што ја предводи вонредниот професор на MIT, Ted Selker, веќе две децении во своите експерименти покажува дека, благодарение на технологијата, секој предмет во кујната може да стане покомпактен, поекономичен, побезбеден и поедноставен за употреба.
Освен подобрувањето на функционалноста на самите предмети, намерата е со употребата на компутерот и сензорите да се следи и корегира начинот на кој луѓето ги извршуваат вообичаените кујнски работи.
Помеѓу поинтересните изуми е интелигентна лажица која корисникот буквално го учи да готви-опремена е со сензори кои ја мерат температурата, киселоста, салинитетот, густината, и поврзана со кабел со компјутер кој натаму сугерира што би требало да се додаде за да се подобри вкусот на јадењето.
Тука е и системот од 5 кујнски елементи, осбено практичен во рестораните, кој штеди доста време и го олеснува снаоѓањето во просторот. Се состои од „Virtual Recipe“, мултимедијален проектор кој на работни површини емитира упатство за подготвување на храна со големи букви, така што готвачот не мора да прелистува книги или замастени ливчиња со рецепти. Со него е синхронизиран систем на ламбички кои се вклучуваат обележувајќи фиоки и полици каде што се наоѓаат состојците и кујнскиот прибор. „RangeFinder“ е далечински инфрацрвен термометар кој ја мери температурата на содржината во садот и проценува колку време е потребно до завршувањето на готвењето, додека „HeatSink“ покажува дали водата во славината е врела или студена.
Конечно, тука е и фрижидерот со внатрешна камера кој ја прикажува содржината на внатрешноста, па корисникот може да види што се наоѓа внатре без отворање на вратата, со што се штеди електрична енергија. Камерата ја снима содржината на фрижидерот секогаш кога вратата ќе се отвори, то ест кога е најверојатно дека содржината ќе се промени. Во иднина сликата ќе се пренесува на екран на мобилен телефон или на сличен пренослив уред, што е корисно при купување на продукти.
Во најкреативните зафати на CI лабораторијата спаѓа и прототипот на „DishMaker“, чиј автор е Leonardo Bonanni.
Во прашање е машина која произведува и рециклира садови по потреба. Садовите се прават од издржливи, нетоксични, акрилни дискови, кои преку калапи, на температура од околу 150 степени Целзиусови, обликуваат како шолја, чинија, а по завршениот оброк можат повторно да се испресуваат.
„DishMaker“ со големина на стандардна машина за миење на садови, содржи 150 акрилни дискови и може да направи садови на секои 90 секунди. Bonanni вели дека „DishMaker“ им е првенствено наменет на рестораните, болниците и други институции во кои се користат многу садови.
Голема предност на „DishMaker“ е тоа што ослободува доста простор, го намалува кујнскиот отпад речиси за третина, и штеди електрична енергија.
„Ако сте направиле и рециклирале една од нашите чинии три пати дневно во текот на една година, енергијата потрошена во тоа е еднаква на енергијата неопходна за производство на една керамичка чинија (во фабрика), затоа што керамиката се пече на околу 540 степени Целзиусови“, вели Bonanni.
Сепак, постапката има неколку мани. Бидејќи за шолјите е потребно помалку материјал одошто за чиниите, машината не го отсекува пресотанатиот акрил, туку работ го остава рамен околу шолјата што отежнува да се пие од неа.
Друг проблем се однесува на садовите. Загревањето отстранува еден дел од храната и го стерилизира материјалот, но не ја отстранува маснотијата од храната која се впива во пластиката. Исто така, мана на овие садови е и тоа што сите предмети изгледаат исто и се со крајно упростен дизајн.
Основната намера на истражувачите на Counter Intelligence одделението е да ги испитуваат можностите. Нивните производи речиси никогаш не се довршени, но обликувањето на идејата го преземаат компании кои се занимаваат со производство на куќни апарати.
Некои идеи се веќе реализирани, како на пример микробранова печка која го чита бар кодот на пакувањето на производот и врз основа на тоа автоматски одредува како треба да се зготви содржината.
Истражувачите на Counter Intelligence одделението како некои од главните проблеми, особено кај големите кујни, ги истакнуваат бучавата и кршливоста, поради што работат на испитување на нови површини и нови материјали во кои би можеле да се вградат разни корисни додатоци.
Кујната на иднината според нивните предвидувања ќе ги следи речиси сите процеси што се одвиваат во овој простор, елементите ќе бидат прилагодливи на потребите на корисникот и, што е најважно- трошоците би можеле да бидат драстично намалени.