62. Во самост

Потребно време за читање: 2 минути

Многумина знаат за него дека живее во свој свет којзнае каде, близу или далеку, во самост од која не сака да излезе. Но, никој не знае зошто. Секој имаше своја или свои претпоставки, а најмногу беа убедени во вообичаената причина за повлекување во целосна самост: разочараност, поначесто повреденост, нанесена болка од нешто, од некого, и опстојувачка бесмисленост.

Од ден на ден е сè поголем бројот на оние што се на мислење дека тој веќе не е жив! Дамна е мртов, а смртта ја предизвикала токму самоста. Имено, познато е дека човекот е општествено битие и не може да опстане без друг, без други; без соживот, без заедништво, без споделување и без сплотеност со други. Често прават споредба со волкот самјак кој, познато е, не преживува ако не успее да создаде своја или не се придружи на постојна глутница за движење и напаѓање, за борба против гладот и одбрана на слободата. А не може да се утврди од кога не е жив токму затоа што живеел во целосна самост, во свој свет којзнае каде.

Оние што тврдат дека е жив, го здогледале во далечина и не можеле ни да му се доближат, бараат да се почитува неговата самост. Да не се обидуваат да му ја загрозат ни да му ја вонемират, бидејќи таа е негова лична определба и егзистенција. Впрочем, не е од вчера во самост. Одамна е во неа, па не може ни да се замисли себеси во човечка заедница. Не е подивен. Напротив. Сè уште е човечен, а тоа го докажува со нечинење никакво зло врз луѓе, ниту со атака врз оние што не знаејќи се нашле премногу близу до него.

Во најголем број се сè уште оние кои ја оправдуваат неговата самост затоа што е творец. Имено, познато е дека самоста заедно со сомнежот во него е инспирирачка и нужна како за творечката концентрација, исто така за целосно искажување на творечката енергија. Тоа го докажуваат со делата што одвреме-навреме ги виѓаваат во слободен простор, на работ на неговиот самотнички свет. До кој доаѓаат непречено, оставајќи му на секој добронамерен да им се доближи, да ги допре и да ги доживее.

Тој е или бил, сеедно, скулптор. Творец на бели мраморни скулптури, најчесто човечки со ведри и насмеани лица.