2. Понекој збор
Понекој
ниту лесен ниту тежок
збор
ми се метка долго в уста
кога со жар убедувам
дека штом споменот
има почеток
значи дека има и крај;
ама
никако да го изустам.
Ми успева тоа откога
ќе ме обземе поразно
рамнодушие;
тогаш не е од мене
оти е бесмислен,
оти е самоволен,
оти не може да биде
со никој друг.
Го фрлам наземи
што подалеку
сосе плунка.
Но понекој збор
ниту лесен ниту тежок,
што долго ми се метка
в уста
откога ќе премолчам
нечија трага
до некое приклучение
што било пресвртничко,
успевам да го изустам
како мој последен.
Потоа го прибирам,
го сокривам меѓу други
кои заедно се дел
од моето смислено
и доблесно постоење
во секакви неизвесности.