112. Две војски и непрегледна рамнина
-Конечно открив, драг пријателе. Трагав, истражував, осознавав, промислував и веќе немам никаква двојба.
Седнале на клупа во парк на височинка над поле непрегледно. Голема им е разликата во годините. Не само оти едниот е во четвртата, а другиот во деветтата деценија од животот, ами и според расположбата, ведрината и живоста на говорот.
-Што откри, драг пријателе? За што немаш никаква двојба?-го прашува човекот во четвртата деценија човекот во деветтата.
Тој со возбудлив глас, напати восхитен:
-Потрошив повеќе од пет децении, ама не жалам за нив. На полево непрегледно пред век ипол се судриле две непријателски војски и по жестока крвава битка се поразиле меѓусебно!
Човекот во четвртата деценија изненаден:
-Како тоа меѓусебно се поразиле?! Не ги поразила трета?
Човекот во деветтата деценија:
-Не, трета не. Како што реков, се поразиле меѓусебно. До последен војник. Знаеш зошто, драг пријателе? Затоа што полево пред нив и по нив го населувал питом, мирољубив, слободен и достоинствен народ.
Го гледам непрегледново поле, седнат на клупа близу до нив, и се прашувам зошто сѐ уште никој не го населил.