Џејмс Камерон и неговите соработници направија револуција во 3D филмската технологија во 21. век, но се чини дека Германците во таа „револуција“ одамна ги имаат „претрчано“!
-Австралискиот филмаџија Филип Мора вели дека пронашол два 30- минутни 3D филма што ги снимиле пропагаторите на Третиот рајх во 1936. година, 16 години пред овој формат за кратко да стане популарен во САД.
Првиот од двата откриени филма се вика „So Real You Can Touch It“ и во него се снимени кадри на скара на која се печат колбаси во 3D стереоскопска техника, додека вториот „Six Girls Roll Into Weekend“ се занимава со животот на глумици за кои Мора верува дека веројатно биле под договор со главното германско филмско студио Universum Film.
„Квалитетот на филмовите е фантастичен“, вели Мора. „Нацистите снимале се и секоја слика била контролирана, сето тоа покажувало како добивале контрола над државата и народот“.
Мора овој филм го пронашол додека вршел истражувања за нов документарец, „Како е снимен Третиот рајх (How the Third Reich was Recorded)“, во кој открива како нацистите го користеле филмот за формирање на мислењето на јавноста и манипулација.
Американскиот филм „Audiscopiks“ (автори Џозеф Левентал и Џон Норлинг), во продукција на MGM студиото, доби Оскар за најдобар краток филм во 1936. година. Сепак, стереоскопските филмови не биле застапени во Холивуд се до појавата на филмот „House of War“ на режисерот Андре Де Тот во 1953. година, во кој главната улога ја играше Винсент Прајс.
Мора верува дека постоењето на 35mm филмови потврдува дек Германците биле со децении пред сите во користењето на овој формат:
„Филмовите ги работело независно студио за потребите на Гебелсовото Министерство за пропаганда и биле познати како „Raum film“, зашто сите биле снимени во 3D техника, што можеби било причина зошто никој не ги видел јавно“.
Мора, кој е експерт за наци- филмови, верува дека постојат уште 3D снимки од ерата на Третиот рајх „скриени“ во Германија или на некое друго место.
Во 1973. година во филмот „Swastika“ за првпат се пуштени инсерти од приватни филмови кои Хитлер и Ева Браун ги снимале во зимскиот центар Оберсалцберг, во Баварските алпи.