Мештаните во планинското Селце се сѐ позагрижени. Некои од нив гледаат само црна утрешнина, па забрзано се подготвуваат да се иселат каде било. Обзнанија дека ги продаваат своите имоти.
Загриженоста не им е од вчера, но баш до вчера се надеваа дека сепак нема да се случи: да секне последниот извор во коријата. До него може да се стаса многу тешко оти е сокриен од човечко око меѓу две голи и стрмни стени.
Сепак се случи. Баш вчера секна последниот извор со бистра и здрава вода. Мештаните на Селце тврдат дека била лековита, на мнозина мажи и жени им помогнала да добијат рожба.