Он се виде мигум на небо
ѕвездолик
во време исто деноноќно
весел речиси разигран
весел речиси безгрижен
како од ѕвезда до ѕвезда
да мора да стаса
совреме човек
кој вековит живее жив
над земја на земја
вековит живее мртов
под земја земјен
спокоен
со непресушни извори
на сила
во срцето и свеста
единствен ѕвездолик
всушност одамна
се гледа себеси како
по последно беспатје
успева да го надмине
та конечно да стаса
до свет што без него
не може да се создава
самостојно непрестано
а да не цели кон ѕвезди
кои меѓусебно ѕвездеат
во време исто деноноќно
сè до новосоздадени
вековити
кои заедно самостојно
ќе продолжат пулсирачки
со свои нови поколенија.
ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Огон, поетска студија, 45