Потребно време за читање: < 1 минута

Зошто човек во години
Се мисли толку јак
Што да помести планина
Без или со врв до небо
Од свое лежиште
Од свое стојалиште
Па во нејзино подножје
Да остави своја трага
Дека е со наум
Да создаде оган
Кој ќе го рани и грее.

Затоа што е човек
Во години минати
Спроти бурни ветришта
И против надојдувања
На матни води
Откога крена раце
Конечно да постигне
Своја складност
Со животот на сè живо.

Затоа веќе не се прашува
До кога ќе се движи
Самотно
Меѓу простор и време
Како клатно на часовник
На урнат ѕид од стени
Меѓу простор и време
Со изделкани знаци
На незнајно
На самосвојно постоење.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка 48