Знаење

Потребно време за читање: 3 минути

За многу нешта никогаш нема да ги заборави мртвиот Мирон Думански и мртвата Изворка Месечева. Како содружници и сопатници во животот, како споделувачи на добро и зло, како секојдневни собеседници. Најмногу поради разделеноста, преголемата далечина меѓу нив, жалоста и патењето, неизлечивата болест или смрт на љубов, а над сè осаменоста и тишината. Кои речиси сосем ги опфатила, можеби до крајот на исчезнувањето на нивното време.

Мирон и Изворка веќе му беа стожерни на живата мисла на Теодор Вишен за жалоста и патењето, со нагласка на постојаното надвладување на осаменоста и тишината. Зошто и сега, кога некако само по себе му се наметнува комплексноста на знаењето, а едновремено посредно и непосредно и незнаењето? Наоѓа некаква врска меѓу својата и нивната животна судбина, чие, пак, изложување како постојано да го одлага? Затоа што повеќе не мисли да го одлага?

Причината е друга, а и сега и самиот Вишен не знае до кога ќе ја одлага точката од која како концентрични кругови се шират неговите приклученија-претсмртниот заборав: мртвиот Мирон Думански и мртвата Изворка Месечева се од него измислени ликови, како многу други во неговиот личен свет, а за он да биде разбран и прифатен од живиот свет како што мисли дека треба. Знаењето поврзано со нивните знаења му е неопходно за докажување на неговата филозофија на родствениот опстанок на човекот во свет на егоизам, лицемерие, просечност и прилагодливост.

Имено, Думански и Месечева се ликови кои се живи и по смртта се незаборавни според човечноста, довербата, искреноста, чесноста, како и според верувањето дека свесноста за достигнатото знаење е главна движечка сила при осознавањето на творечкото достоинство. Само затоа и овојпат, не знае дали за последен пат, Теодор Вишен како Мирон Думански ѝ посвети свои живи мисли за знаењето на мртвата Изворка Месечева:

Не се прашувај колку знаеш. Никогаш не знаеш доволно.

Не го знаеш она што треба да го знаеш, ама знаеш тоа да го сокриеш.

Знаеш зашто знаеш нешто, не знаеш зашто знаеш сешто.

Ако знаеш дека не знаеш, научи за да знаеш.

Не е грев да не знаеш. Грев е да правиш грев затоа што не знаеш.

Зошто не сакаш да учиш? Зашто не си научил.

Многу не знам, ама она што го знам го знам сигурно.

Учиш додека си жив за да бидеш жив.

Не вреди твоето знаење ако е само твое.

Итриот не знае, ама итро владее со прости и незналици.

Доста ти е колку знаеш? Тогаш доста од тебе.

Во што е моќта на знаењето? Во придвижувањето на човекот напред.

Снаодливиот знае сешто, а посветениот само едно нешто.

Простете, но не можам да се нафатам да го решам ова оти малку знам. Најдете некој што знае многу.

Едни само знаат, а други знаат и создаваат.

Со постојано учење и против смртта.

Тешко на болен во рацете на оној што не знае од што е болен.

Мудроста иде од знаењето, но знењето не е секогаш со мудроста.

Знаењето се употребува или злоупотребува во зависност од човештината која најмногу му должи на знаењето.

Оној што знае, не престанува да учи за да знае.

Знаењето храбри до конечна победа.

Вистинско знаење е знаење што не се заборава.

Знаењето не може да го замени искуството, но тоа него постојано го богати.

Човек кој знае живее меѓу зналци, а живурка меѓу незналици.

Паметниот знае дека не му вреди знаењето меѓу будали.

Корисно е знаењето за оној што знае за што и како да го користи.

Знаењето или го игнорира или му се потсмева на незнаењето.

Никогаш не знаеш колку треба да знаеш.

Знаењето никогаш не стои во мест и е секогаш будно.

Знаењето и верувањето си противречат. Творечкиот дух ги користи наспоредно.

Знаењето е поттикнувачко, а сомневањето творечко.

Знаењето ѝ овозможува на креативноста постојано да освојува нови височини.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 18