Зломисла и зло

Потребно време за читање: 5 минути

Теодор Вишен често зборува за една средба со средовечна жена со восхитувачка убавина, по име Марија Магдалена; несомнено именувана со името на следбеничката на делото на Исус Христос во времето на неговиот живот и по него, како и прв сведок на Воскресението Христово. Не толку затоа што средбата не била случајна, а била единствена, колку поради кусиот разговор со неа за зломислата и злото. За зломислата пред сè како смисленост, намера, стремеж да се нанесе зло, не како мисловен деликт, а злото исклучиво како етички поим. Притоа, само патем дополнувајќи се со неговото значење, поконкретно неговата тежина во религијата, сом нагласка на теолошкиот проблем на злото, и во филозофијата. Го запамети од збор до збор најмногу поради импресионираноста од нејзините познавања, како и како најголема инспирација за забележаните живи мисли за нив во неговото дело „Жива мисла“.

Марија Магдалена:

-Зошто сметаш дека секогаш зломислата е пред злото? Не мислиш дека тие се еднакви во животот според значењето, тежината, но и според последичноста? 

Теодор Вишен:  

-Сметам дека зломислата секогаш му претходи на стореното зло, а нестореното или го означува или како одложено во време и простор или како константа.

Марија Магдалена:

-Јас мислам дека според силината и последичноста зломислата е на исто рамниште со злонамерата. Мислиш зло за некого или смислуваш зло и со тоа едновремено стануваш злосторен.

Теодор Вишен:

-Ти очигледно зломислата ја третираш буквално како Џорџ Орвел во неговото дело„1984“-мисловен деликт, концепт на илегална мисла, а не како пежоративен термин за лица кои изнесуваат неконформистички и неприфатливи ставови. Јас, пак, напротив, ја третирам како лош, во најголема мера непријателски однос спрема пониски во хиерархијата, врз кои се има власт, моќ, кои се експслоатираат, понижуваат…Но, да се задржиме на злото од етичка гледна точка, како однесување и размисување.

Марија Магдалена:

-Се согласуваме дека е тоа најнапред спротивставено на доброто, а ги содржи неправдата, омразата, себичноста, уништувањето…Кога го промислуваме злото, секогаш треба да го имаме предвид како проблем кој е тешко, некогаш несогледливо тешко да се надмине, а мора. Поголем проблем е што се поднесува, се издржува од страна на оние на кои тоа им се нанесува, а помал на луѓето што го прават. Неминовно е поврзувањето и со свесноста…

Решение? Треба секогаш да се имаат предвид оние во филозофијата и религијата, и тоа злото како дел од патењето и смртта, а доброто како дел од жизненоста, мирот и слогата. Јас на преден план ги ставам моралните сфаќања. Се разбира, како составен дел на животот.   

Теодор Вишен:

-И јас колку ти го имам проучено злото како поим, чин, настан, чувство и лице-злосторник, злотвор, ѓавол итн. И неговата поврзаност со злобата односно лошотилакот, лошата намера, пакоста, злоупотребата или манипулацијата.

Со оглед на моето искуство, а би сакал да знам понешто за твоето, од суштествено значење е самото постоење на злото. Постои ли тоа или не? Познати се учењата за злото во религијата, во христијанството, нагласувањето на надвладувањето на злото со добро, а поготово во филозофијата. На пример, тврдењето на Буда дека злото го правиме водени од потребата да правиме зло, потоа од лутината, незнаењето, стравот. Или Сократовото учење дека злото потекнува единствено од незнаењето; вистината е најдобро добро, а лагата најголемо зло. Па учењето  на Кант дека човекот може да биде морално одговорен доколку не е слободен, а доколку е слободен не може да има неодолив стремеж ни кон добро ни кон зло, туку и едното и другото мораат да бидат можни во секој момент. Штго значи дека не постои начин кое било од нив да се отстрани. Треба да го имаме предвид и ставот на Ниче, според кого доброто и злото не се стварности во светот, туку творби на поединечната волја. Чистиот акт на волјата нè води „од онаа страна на доброто и злото“.

Марија Магдалена го загледува подозриво, па го прашува:

-Вишен, ти се случило некое големо зло во последно време?

Он одговара:

-Ми се случиле многу во последно време.

Таа му се уфрлува:

-Не може многу. Во едно време едно е големо, а сите други помали и мали. Најголемото зло е секогаш за во сите времиња. Кое зло?

Теодор Вишен со тажно лице и таговен глас:

-Ме напушти љубов.

Марија Магдалена сериозно, по малку и загрижено:

-Да, прифаќам дека напуштањето, особено на љубов е големо зло. За последиците не те прашувам, но ме интересира причината.

Теодор со уште потаговен глас:

-Таа ми наведе една. Ѝ здодеало со мене. Веќе не можела да ги поднесе моите мудрувања.

Марија Магдалена зачудено:

-Тоа причина за напуштање?! А бе ај!…

И по малку загадочно:

-Ако е навистина тоа, тогаш тоа зло може да се смета за добро…Таа твоја љубов не била дорасната за тебе…Нема поим што е тоа мудрост, што мудрување…Не, не е никакво зло тоа што те напуштила…Брзо ќе најдеш нова…

Теодор Вишен ја прекинува:

-Како ти?

Марија Магдалена низ загадочна смеа:

-Што знам…Можеби…Дај да прочитам што си измудрил во твојата „Жива мисла“ за зломислата и злото.

Теодор Вишен ѝ ја подава испишаната тетратка формат А4.

Марија Магдалена чита гласно:

Неказнето зло поттикнува на правење ново.

Меѓу две зла не се избира помалото, туку се брани секое и најмало добро.

Човекот не му се спротивставува на злото во себе, а се брани од зло што му го прави друг. Залудно.

Нешто е за тебе зло, а за друг добро со оглед на последиците.

Нема ништо добро кај што владее зло.

Не можеш да се справиш со какво било зло сè додека не му ги осознаеш причинско-последичните врски.

Поднесуваш еднаквост на злото и доброто?!

И непријателот може наместо зло да ти направи добро. Несакајќи или од небрежност.

Она што е зло за други, по време станува зло и за тебе.

Не му дозволувај на злото да навлезе во доброто. Ќе го надвладее, ќе го понижи и ќе почне да го ништи.

Каде едно зло брзо две, после три и четири, па скоро безброј.

Си сторил зло обидувајќи се да направиш добро? Не ти била добра намерата.

Не се забораваат последиците од сторено зло.

Пред војна долго владеат и зломисла и зло.

Бог го допушта злото во живиот свет и го учи човекот додека е жив како да не го прави или како да се брани од него.

Насилството е само по себе зло.

Зломислата може да му претходи на злото, но најчесто го следи во чекор сè додека постои.

Природата долго поднесува зло, но на него мигум возвраќа.

Не биди рамнодушен спрема кое било зло. Ако бидеш, тоа ќе продолжи да расте, да се развива, да созрева и најпосле да те обессили за да те злоупотреби.

Зломислата, злото и злосторниците најмногу се плашат од слободоумноста.

Никогаш сам против кое било зло. Без оглед колку си добар и јак.

Злите се опасни луѓе кога добрите не прават ништо против нив.

Зло со лоши, зло и без добри луѓе.

Лош живот преполн со секакви зла.

Добар и лош со судни маки и неразбирања стасале на крстосница и конечно секој избрал свој пат.

Око за око, заб за заб и сите луѓе ем слепи ем беззаби.

Нежив е човек поразен од зло.

Не бегај од злото што те следи. Застани, сврти се и поучи го дека може во чекор со тебе само со добра мисла и добро дело.

Нигде нема добро со зло.

Зломилата и добрата мисла, исто како и злото и доброто, заедно не можат во мир и благосостојба.

Вистината разоружува секое зло.

И од најмало зло последиците можат да бидат немерливи.

Во свет без зло се живее спокојно, животворно и благодатно.

Марија Магдалена ја затвори тетратката, на чија корица беше напишано ракописно „Жива мисла“, му ја врати на Теодор Вишен со широка насмевка и „Браво!“ на сет глас, решавајќи да води љубов со него. Го фати за рака и со припиени тела и бавни чекори потонаа во ноќта.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 17