ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 12

Потребно време за читање: < 1 минута

12. Древен творец

Прво е незнаен древниот творец, а неговото нецело дело се извишува до небо на врв кој досега сè уште никој не го искачил. Најблизу до него, речиси на дофат, стасал некој во длабока старост, пред самоти смрт. Оставил на камен голема црвена буква Ѕ во жолт круг. Не се знае дали е прва буква на име, презиме или прекар. Никој не се ни обидел да открие. Според една сказна, ја оставил старецот кој слегувајќи од врвот исчезнал во бездна.

Никој не знае ни зошто ни како древниот творец успеал нецелото дело да го создаде и да го остави на врвот извишен до небо. Најцврста претпоставка е дека со него му се спротивставил на своето дамнешно време. Несомнено, до ден-денес успеал, но е исто така несомнено дека тој во меѓувреме станал незнаен. Не е баш цврста претпоставката дека станува збор за древниот творец по име Громовник, кој слични дела со повторлив цртеж на изгреано сонце создал и оставил и на други поголеми и помали врвови, во предели со големи реки, мориња, планини и плодна земја.

Зошто древното дело на древниот творец е нецело? Просто затоа што на голиот воин со шлем од ковано железо и долго копје во десната рака му фали штит со шеснаесеткрако сонце и розета среде.