ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 46

Потребно време за читање: < 1 минута

46. Запустување

Никако да престане запустувањето на сè живо меѓу планиниве. Запустија што запустија силници и насилници, запустуваат дури запустено. Веќе почнаа да го запустуваат и блиското уште незапустено во голиниве.

Запустија и села и градови. Сосе куќарки, куќи и парчиња плодна земја околу нив, сосе неколкукатни и многукатни згради, улици, булевари и плоштади, сосе извори, потоци, реки, езера, сосе крајбрежје на море, сосе море. Сосе здрав воздух. Сосе луѓе.

Сè запустуваат нелуѓе за нелуѓе. Зашто мислат, зашто се надеваат дека запустеното ним ќе им остане за сè одново да заживеат. Како нивно заедничко. Можно ли е тоа? Па, не би запустувале ако не е можно. Така било со освојување на туѓо во дамнина од силници и насилници, така е денес за да биде и утре. Нелуѓе и нелуѓе заедно.

Од ден на ден запустувањево сè повеќе наликува на оган со пламени јазици до небо, што зафаќа сè повеќе од планиниве и голиниве. Дури пресушува извори, потоци, реки, езера, мориња.

Оган што пеплосува сè живо, питомо и диво.

Кој може да го запре? Човек не. Може само луѓе што не можат без свое на свое и со свое. Чии тела и души се сплотени во сончевина.