ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 63

Потребно време за читање: 2 минути

63. Невреме

Наеднаш надвиснаа облаци, се нафрлуваа од небото молњи, загрмеа громови; навалија ветришта, витли, песочни бури; се истураа поројни дождови, надојдуваа матни води, се излеваа реки, езера, мориња; се излизгуваа каменити ридови и шуми на патишта, во провалии, се затресуваше земјата и се отвораа процепи.

Луѓето, кој совреме кој во последно време се сокрија во свои куќи обградени  со високи ѕидови, во визби, скривалишта, земници. Замолчени, со грижни лица, исчекувајќи да слушнат колкумина од оние што останаа на отворено, кои не успеаја да се засолнат изгинаа или се сметаат за исчезнати.  

Никој не се прашуваше дали ќе мине невремето. Знаеја дека ќе мине скоро или по некое време, како сите досегашни. И сè побавно минуваа и се надминуваа последиците; од едно до друго сè поголеми, подолготрајни, попогубни и помсртни. Но, најпоразувачко од сè беа рамнодушноста и новите навики што ги обземаа. Дури и пред и по сè поголемите помори.

Најзагрижувачко за сите, поготово за возрасните и старите беше тоа што младите сè почесто се прашуваа зошто, како и од кого. Веќе ретко кој можеше да се разубеди сам или некој да успее да го разубеди дека невремињата се сè почести поради климатските промени, нерамнотежата меѓу природата и човечката цивилизација, загадувањето на воздухот, почвата, водите и, се разбира, тектонските движења на Земјината кора. Сè поприсутна беше убеденоста дека тие свесно се предизвикуваат, се насочуваат кон прецизно утврдени цели и се контролираат со помош на моќни системи, врвна технологија. Но зошто? Зошто по ѓаволите?!

Некои од возрасните и старите, исто така обземени од рамнодушноста и новите навики, имаа само еден одговор: поради многу затоа. А на инсистирање да наведат макар едно нешто, одговараа конкретно: за завладување со животот и смртта, со стварниот и заумниот свет, со планетата Земја и Сончевиот планетен систем.

Никој не ги слушаше повторуваните зборови на еден стогодишен старец: „Иде време на живот само за избрани“.