ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 62

Потребно време за читање: < 1 минута

62. Задоволство

Он е задоволен од себеси. И оние околу него се задоволни со него. Најпрвин дека секогаш е свој на свое, сетне го споделува своето задоволство, а најсетне затоа што на оние околу него им создава и прави нешта кои во нив предизвикуваат задоволство.

Тоа е исто како кога се збираат роднини, пријатели или познајници за радување, а еден или два-тројца ја преземаат улогата на водечки радувачи. Па скокаат, играат, свират, пеат, глумат и прават сè друго што ќе им падне на памет. Останатите или ги следат правејќи го истото или на секаков начин покажуваат колку се задоволни. Задоволството расте, се зголемува до толку, што да нема место за ниедно и никакво незадоволство.

Он пред него слуша природа сè уште недопрена од човечка рака:

-Белки знаеш дека секое задоволство е тоа само кога е конкретно во временска рамка. И е големо прашање дали е воопшто можно општо задоволство. Исто како што е можно општото незадоволство.

Слуша и се дума како да ѝ одговори. Се досетува да ѝ посочи на нејзиното задоволство:

-Ти, природо сè уште недопрена од човечка рака, си задоволна, нели? Може дури во иста мера колку што е незадоволството на допрените природи, пред сè поради насилството на човекот врз рамнотежата меѓу климата, животот и смртта…Од што најпрвин задоволна? Јас мислам од твојата слобода. Белки си свесна дека ќе бидеш сè додека ја браниш неа и успеваш да ја одбраниш од оние на кои ти не им значиш ништо.

Недопрената природа му возвраќа:

-Да, но забораваш на две суштествени нешта, а без кои ниедна и ничија слобода како задоволство напросто не може да биде: самосвесноста и хармонијата на формите и содржините.

Он се согласи со ведра насмевка.