60. Сончев зрак
Еден сончев зрак меѓу два облака следи човек во круг. Всушност, кругот го прави он, притоа внимавајќи човекот секогаш да биде во центарот. Сончевиот зрак како да се издвоил, како да се оддалечил од Сонце зад облаците, на изгрејсонце или во зајдисонце. Исто и човекот, како да се издвоил, како да се оддалечил од луѓе на гола земја или во мрачнина.
Сончевиот зрак е во голем напор да го следи човекот, притоа внимавајќи кругот секогаш да биде круг; ни за миг да не добие елипсовидна форма. И притоа човекот при секој нов чекор, сеедно напред или назад, да остане во центарот. Очевидно, човекот, пак, е во голем напор да остане сам со сончевиот зрак, никој од луѓето на гола земја или во мрачнина ни за миг да не му се доближи.
Најзагадочно од сè е зошто на сончевиот зрак му е важен човекот во круг. Што го привлекло само него, та да се пробие меѓу два облака? И зошто му е важно да го следи во круг, а он секогаш да биде во центарот?
На луѓето на гола земја или во мрачнина им е сеедно дека наскоро врз нив ќе навали невреме. Свикнати се. Но, меѓусебно гласно си признаваат дека воопшто не им е сеедно оти сончев зрак се пробил меѓу два облака. Поготово оти следи човек кој како да се издвоил, како да се оддалечил од нив.