55. Содржина
Нему:
-Нема ништо без содржина. Бесмисла е. Ни форма нема вез неа.
Нејзе:
-Сè е содржина во зборови и без зборови. Мои, твои, на знајни и незнајни, на блиски и далечни. Излитени од употреба, извикани од злоупотреба, нови со првични значења и кои допрва ќе добиваат нови и нови значење. За наше меѓусебно разбирање.
Нему:
-Содржина е човекот сам за себе. Но и сè во него, со него и околу него. Суштината на постоењето е во нејзината менливост и неменливост, даденост, обновливост и богатење. Може сето тоа да биде во форма, но може и без неа…Влегуваш во некаква форма без својата содржина.
Нејзе:
-Расположена по телесна страст?
Нему:
-Можеби.
Нејзе:
-Јас и ти една содржина. Со зборови и без зборови. Со зборови во молк и без зборови од молк.
Нему:
-Ноќва е жешка.