Живи мртви

Потребно време за читање: < 1 минута

Се прибрале мраморни луѓе
во светол агол на бесмисла
пред бездна во која дамна
нема ни знак родствен
ни тажаленка во спомен
на скитник низ светови
кои немаат никакви
допирни точки
се прибрале во светол агол
на бесмисла
за да сведочат дека му биле
мртви живи на вајар
кој ги вајал од мрамор
со последни творечки сили
за да го надживеат како
живи мртви.

Од суштествено значење е
зошто луѓево
се прибрале пред бездна
каква што досега немало
нигде
освен можеби во семирот
меѓу два мали света кои
ту влегуваат еден во друг
ту се оддалечуваат за скоро
да се сплотат да станат еден
голем.

Јас мислам дека првин треба
да се одгатне светлиот агол
на бесмислата
од каде иде светлината
и зошто се луѓето мраморни.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 67