Јагода Зоранова е зрела жена, на свои четириесетина години. На лице изгледа како да ја минала шеесеттата. Неговата убавина е впечатливо изразена со правилен нос, тесни усни, нагласени кафеави очи, одвај видлив подбрадок, румени образи, високо чело со две долги и длабоки хоризонтални брчки и кадрава коса. И со секидневната и со облеката за посебни прилики отсекогаш знаела да ја истакне својата стројна става која годините сè уште не ја уморуваат.
И убавината и стројноста секогаш им биле мошне привлечни на младичи, средовечни мажи, па и мажи во години; со кои била постојано опкружена сè до пред неполна година. Не крие, туку и нагласува дека имала многу врски, од кои четири сериозни, крунисани со краткотраен брак. Ги смета за драгоцено животно искуство. Вели дека со нив се докажала и како исполнета жена; со гордост истакнува дека родила и изгледала две ќерки, обете со свои животи и семејства далеку од неа, во Австралија и Канада.
Од пред точно четири месеци и две недели Јагода Зоранова го напушти градскиот жвито. Се пресели во блиско напуштено село, на мал имот со приземна камена куќа со две одаи, наследен од нејзиниот дамна покоен татко. Зошто го стори тоа не сака да му открие на засега единствениот нејзин посетител Никола Карпоски. Кој е тој? Пензионер, близу до почетокот на седмата деценија, вдовец. Сè уште активен доктор по општа медицина, како надворешен соработник на приватна ординација по општа медицина. Неговата покојна Илинка, со која го има синот единец Јордан, исто така доктор, кардиохирург, веќе десетина години во во реномирана клиника за кардиологија во Франција, во Париз, почина пред две години од тумор на мозокот. Ја посетува Јагода најмалку еднаш неделно. Ја снабдува со храна за десетина дена, ги регулира, често и ги плаќа нејзините месечни сметки и заедно го уредуваат и одржуваат функционално нејзиното живеалиште. Со неа е во љубов? Може да се рече да, на единствен начин.
Имено, Јагода и Никола се блиски, може да се рече романтично интимни и сексуални одвреме-навреме, во кое било време на денот или ноќта. Што значи тоа? Значи дека нежните допири, милувањата, занесот и долгите разговори за сè и сешто предничат пред кусиот, бавен и на моменти страстен секс.
Има многу што да се раскажува за Јагода Зоранова, почнувајќи од раното детство, школувањето, остручувањето за заштита на културното наследство; за нејзините бракови и одгледувањето на нејзините рожби; сè до напуштањето на градскиот живот и преселувањето на село. Самата најрадо зборува за себе како жена. Често повторува:
„Јас не сум само жена. Јас сум жена! Убава, жизнена, животворна, со свои искуства и знаења за животот, со свој светоглед, со свои гледишта и ставови. Слободна, независна, самостојна. Единствена! Со свој стварен и заумен свет. Давам од себеси, земам за себе, губам колку што дозволувам, неочекувано и несакано, добивам колку што ми треба и може. Јас сум жена со која може секако и никако“.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 74





