Сè почести ми се миговите во кои сум сосем сам. Никој со мене во минатото, никој и од денес. Да повторам, во нив се посветувам на мојата најголема страст-зборовите, особено кога си дозволувам или тие ми дозволуваат да си играм со нив. Игра што игра и во која се игра; креативна игра со која мојот дух создава дело кое само првично може да биде на пример алогично, но потоа лесно да добие логична димензија, па и сосем неочекувано значење. Какви зборови?
Тоа се најпрвин зборови со затврдени значења и на кои во исто време можам да им додадам или дадам свои-со нивно поврзување во изрази или контексти. Сакам да речам дека им давам преносно, но неретко и буквално нов живот.
Да доречам: тоа се зборови за во некое ново време или во некој нов процес. Во поетична смисла: од играта со нив мора да произлезе ново сонување во будност.
Знам дека сè досега што раскажав и прекажав е некако неповрзано , па не е лесно да се разберат во единство сите детали. Може да е напросто невозможно. Тоа не ме оптоварува. Целта ми е да создадам сложена романескна структура и секако ќе го постигнам тоа.
Еве пак неколку збора со и за некои состојби и содржини на животот:
–аждер: змеј што раскинува или јаде луѓе и животни, а во преносно значење се употребува за нагласување на страховладеење-со сила, со алчност и грабливост;
–тебдил: преправен, преоблечен; кој се појавува скришно затоа што сака нешто да дознае тајно; незабележано замешан во луѓе;
-голгота: страдалничко одење по тежок и мачен пат до цел или без неа, со пречки за чие надминување се дадени или се даваат многу жртви и саможртви; минување низ голготи;
–еволуција: постепен премин на една состојба во друга, без пресвртни, радикални менувања; светот е постојано во процес на еволуција; спротивно-револуција;
–огледува: внимателно и детално прегледува, разгледува, промислува; човек се огледува во огледало, друга мазна површина-во извор, бистра река, бистро езеро, морска шир на виделина; исто значење со обѕрнување лево-десно, наоколу, зад себеси; како и со одразување во нешто-огледување во конкретно-конкретни резултати;
–убавее: станува убав/убава или станува поубав/поубава; слично со разубавување или личнеење; значи и истакнување на убавина-зрачи со убавина;
–јаден: жален-за жалење, тажен; слично со кутар (човек); во лоша состојба, значи и неугледен; исполнет со јад-јадосан;
–шегобиство-подбивност, исмејување-шегачење; подбишега-подбив.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 49
