Потребно време за читање: 3 минути

Зошто оваа промена во редот, Јасене Виорски?

За да продолжи играта и да имаме време да објасниме сè. Сè за нас! На пример, зошто јас и ти имавме толку настани!

Седнати на каменот како дрво, гледаат како земјата испарува, а тревата се свиткала под нив.

Зошто си го заморуваш јазикот во напор да оствариш намерен говор, Јасене? Важни се самогласките! На почетокот и на крајот сами.

Пак Рембо?

Куќите беа зад нив. Ги оставија тоа утро за да се согласат дека личниот интегритет и спокојството се најважни во животот ако сакаме тој да ни минува полека. Но, тоа сигурно зависи и од темпераментот. Времето е едно. Од нас зависи како ќе го следиме.

Сонцето е жешко, а жените на плажата си ги мачкаат кожите со бакарна боја.

Дијалогот мора да е чист за да биде корисен. Потоа се случува да напишам песна, му велам на Е.К. или В.С.

Како мислиш чист?

Прво не сосема намерен и не долг за нешто што ќе биде само едно. Да биде присутна и спонтаноста во говорот. Потоа да размислуваме за она што сме го прочитале. И колку ни користи!

Прочитај и за ... >>  Иронијата и сарказмот на Марија Имотска и Јасен Виорски како одбрана од другите. Како опстанок.

Ако децата на Вијан летаат, не мораа и нашите, се убедуваш Марија Имотска, а го знаеш одговорот.

Мораа да летаат. Тоа е првиот сон! И секогаш се памети! Точно, Вијан го напишал „Вадисрце“, но со птици!…Чекај да докажам. Прво, летањето не е истовремено. Говорот е прв…А ти добро знаеш зошто Икар летал над вода и паднал од високо.

Ме следиш внимателно. Сонцето е сè пожешко. Сакаш да замолчам и ти да летнеш во Морето.

А што е со романот?, прашува Е.К. или В.С. Што ви значеше она дека ако треба нешто да се раскажува не мора да се пишува?

Остави јас да му објаснам, Јасене Виорски. Пријателе Е.К. или В.С., ние сметаме дека и романот треба да си има свој јазик со свој свет. Обичната нарација може да го задоволи само оној што бара задоволство во читањето. Се разбира, не ја негираме таквата литература. Задоволството и нам ни е потребно. Но, зошто тогаш треба да се пишува? Зошто сето тоа што се пишува затоа да не се кажува, раскажува, прикажува? Во обичен говор, во секојдневен разговор? Не ти личи ли тоа на старец и дете пред заспивање на детето; старецот сè уште добро го служат очите, ги заборавил старите приказни, а не е во состојба да измислува нова, па зема роман в раце и му чита. Сега прашањето, пријателе Е.К. или В.С.: кога старецот би бил слеп, а полн со приказни во себе како лично искуство, дали би зел роман в раце? Би зел, но не за да му чита на детето, туку оти тој очекува да открие нов јазик со свој свет! Поинакви од оние што ги знае, што ги запознал. Уште замисли дејствието во романот да е раскажано со слики и цртежи!

Прочитај и за ... >>  Баналноста има жесток интензитет. Не смее да ѝ се подлегне.

Доволно му објаснуваш, Марија Имотска. И ако ти успее да му дообјасниш, нема да те разбере. Ќе те дослуша докрај и ќе се обиде да те злоупотреби!

Што значи за тебе летањето, Јасене Виорски?

Да се надминуваш постојано, Марија Имотска. Да си ја задоволуваш потребата од летање, од извишување! А Ерика Јонг, на пример, дури и се плашела. Кога си објаснуваш самата, не заборавај и на Фројд со првиот сон.

Тревата е свиткана под нив. Стануваат и се упатуваат кон средината на кругот, од едниот до другиот крај на брегот. Куќите се веќе зад нив.

Легнуваш. Се покриваш со песок. Сонцето е жешко. Почнуваат бранови, а ти Марија Имотска се замислуваш како да си еден од нив.

Ќе бидат долги, те предупредувам.

А паѓањето, Јасене Виорски? Вијан има и распнат коњ!

Не грижи се, ќе дојде во кругот.

Сака да ѝ докаже дека за летањето прочитале и кај други творци, но дека тоа не е толку важно.

Прочитај и за ... >>  Всушност, која ти е целта?

Ни треба за да докажеме дека на крајот ќе бидеме сами и можеби не заедно! Но ако сакаш ти, може и вака:
Децата не мораа да летаат!
Да прифатиме дека пливаат на пример, иако си ја нарушуваме симболиката. Го сечат Морето додека е мирно или го пречекуваат бранот. Ако е голем, со раширени раце.

Веќе ми е сеедно, Јасене Виорски. Само внимавај кога доаѓаат во кругот. Додека сме ние во него!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here