49. За мене знајно и незнајно
(Не е био-библиографска белешка)
-Јас сум само мислечка и книжевна личност. Во младоста и на средни години бев и радиофонска (мошне активен и „популарен“ радиомен), но тоа како да не сум бил никогаш;
-Нешто имав стекнато во 5-деценискиот работен и творечки деноноќен ангажман, па го изгубив и сега не поседувам никаков имот-баш ништо лично;
-Јас сум обичен стар бел дедо-пензионер, со пензија доволна за старечко живуркање, сосема повлечен од „јавниот живот“; кој ме заборавил ме заборавил, а кој уште ме памети не се ни обидува да ме најде, слушне, сретне;
-Љубовта и нескротливата творечка енергија ми се први и единствени, и такви ќе останат додека сум жив;
-Сѐ уште имам доволно мое време за создавање мислечки и творечки дела, за секојдневно читање дела од светската филозофска, естетичка и белетристичка литература, и за внимателно читање поетски и прозни дела на неколкумина писатели-Фејсбук-пријатели;
-Јас сум творец на грандиозно мислечко и книжевно творештво, моментно 111 дела, единствено на светот, од злоба и омраза премолечно, маргинализирано-непризнаено; за кое нема место во современата македонска литература (што просто ме засмејува и не ми значи ама баш ништо);
-Сосема сум рамнодушен спрема сѐ што се случува, не се однесува на мене лично и не ме допира;
-Немам никаков интерес за објава-печатење на мое дело (во хартиена форма) ни во Македонија ни во странство (превод, препев); можеби ќе дозволам доколку ми се понуди надомест за авторско право кој би го сметал за соодветен;
-На моите потомци им оставив аманет по мојата смрт да прават што сакаат со моето творештво;
-Како тоа јас творец единствен на светот, а незнаен, а непризнаен? Ете така.