46. Во политиката нападот не е најдобра одбрана
Помеѓу многуте „нешта“ кои политичките партии и од позицијата и од опозицијата досега не ги научија или не ги разбраа, сеедно, а очигледно не се ни трудат да ги научат или разберат, е дека во политиката воопшто не важи правилото: „Нападот е најдобра одбрана“.
До вчера опозицијата ја напаѓаше, ќе ја напаѓа и денес и утре позицијата-партиите на власт, но не како одбрана или самоодбрана, туку со единствена цел-освојување на „туѓа територија“. А ни за едната ни за другата нема „територија“, особено не туѓа или своја.
До вчера позицијата на секаков, а најмногу на арогантен начин се бранеше, се брани денес и ќе се брани утре. Се разбира, секогаш неуспешно, немоќно. А ни на обете не треба да им биде „својствена“ одбраната на позицијата на која се.
Во политиката не важи, а сепак сите учесници во неа, пред сè партиите го „користат“ нападот како најдобра одбрана! Особено кога се „разгорува“ предизборната кампања. За забава и веселба на сеирџиите, рамнодушните, разочараните, апатичните, неутралните. Најмногу на излажаните, измамените, изманипулираните.
Зошто во поолитиката нападот не е најдобра одбрана?
Причината е едноставна:
Политиката не била, не е и не може да биде војна. Затоа што таму кајшто има војна, нема политика.
Комедија дел’арте? Не, комедија дел’политиканте!
Не знам вам, ама мене секоја предизборна кампања ми личи на вицот за борбата на партизаните и Германците во шума. Тие „војувале“ сè дури не дошол шумарот и не ги избркал.
Да не дојде пак шумарот? Да не е веќе дојден? Да не е одамна кај нас, а на позицијата и опозицијата во предизборие им дозволува да „војуваат“?