40. Политичката наивност
Што е политичката наивност? Состојба на политичкиот дух? Не. Таа е наивност како и секоја друга. Колку едноставна, толку привлечна и-бескорисна.
На пример, наивно е да се мисли дека една владејачка партија или коалиција ќе се „предаде“ лесно. Притоа, најмалку мислам на искуството со фалсификување односно местење на избори. Исто така, политички е наивно, може да биде дури погубно игнорирањето или потценувањет на малите, а особено на новите партии.
Се разбира, треба да се имаат предвид резултатите од истражувањата и анкетите на рејтинзите на партиите и позициите на водечките. Особено (сè уште) големиот број неопределени и крајно незадоволни гласачи. Уште повеќе нивното расположение за нова опција и нови луѓе.
Што може да ги разниша сигурноста, самобендисаноста и итроштината на „главните“, „водечките“, „големите“, „сигурните“? Да биде разнишана пред сè од политичка наивност? Може многу нешта, а ќе потсетам само на едно:
Стриктна транспарентна примена на Законот за финансирање на политичките партии и строг меѓународен мониторинг на финансирањето на предизборната кампања.
Неверојатно? Невозможно? Засега политички наивно.