За никаде

Потребно време за читање: < 1 минута

-Во последно време сум за никаде.

-Зошто? Здравјето?

-Не. Годините. Сè потешко стојам исправен и на свои нозе, малаксувам. Сè повеќе се веднам, дишам сè потешко, брзо се задишувам…

-Мислиш дека сè тоа е од годините? Да, веќе си стар, веќе сме стари, но староста е бавна…Мислам дека сепак е во прашање здравјето. Си го проверил?

-Што има да го проверувам?! Да се тормозам од лекар до лекар…

-Па…не може поинаку. Здравството ни е какво што е…како сè друго во државава и општествово…

-Лани ме прегледаа комплет. Знаеш што ми рече матичната на крајот? „Па што сакате, Господине, на вашите години“? Ѝ одговорив дека ако е до годините, тогаш ништо не сакам. Ни апче за смирување.

-Добро, не се деранжирај…Ако си за никаде, тогаш не оди никаде. Остани си кај што си.

-Добар совет…Баш пријателски…А бре човек, кога ти велам дека сум за никаде, всушност ти велам дека не сум расположен, би излегол од кожа.

-Е, знаеш самиот дека тоа не е можно. Особено затоа што ако ти успее тоа, враќање нема…Да ти дадам совет? Сврти се околу себе, догледај ги луѓето колку лесно минуваат низ животот зашто разбрале дека е минлив и треба добро да се искористи секој негов миг…

-Фала на советот. Не ми требаше…Моментно сум за никаде, но ќе се справам со себеси, ќе се надминам. Биди сигурен дека брзо ќе се вратам на својот стар колосек.

-Мислиш на старскиот…на годините.

-Се разбира…Или ќе се повлечам во самост.         

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, 10