За непријателот

Навнатре и однатре

Тодор Манески ме убедува дека нема човек кој нема свои непријатели, исто како што нема човек без свои пријатели. Во некое време, особено во ниедно имал барем еден. Се согласувам и не се согласувам. Му велам дека секој човек може да нема ниеден свој непријател, а секој има макар еден пријател. Му предочувам дека во минатото се случувало, се случува и денес по пораз непријателот да стане пријател. Како што не треба многу, особено во егзистенцијална загрозеност пријател да стане непријател.

Тодор се согласува и не се согласува. Вели дека треба да се имам предвид големината и силата на непријателството. Според нив, има голем и силен и мал и слаб непријател. Може да се случи непријателот долго да биде незабележлив, дури таен, па да се прикаже наеднаш, ненадејно. Исто како што има еден, неколкумина или многу пријатели, но најчесто само еден или два-тројца вистински. Тоа најмногу во однос на искреноста, доверливоста и траењето на заедничкото време.

Прочитај и за ... >>  Дива пустина

Му нагласувам дека секогаш треба повеќе да внимаваме на непријателот одошто на пријателот. Најпрвин затоа што непријателството речиси без исклучок се насочува кон загрозување на опстанокот, траењето на постоењето, на самиот живот. Со окупирање и асимилирање. Тоа само по себе се сведува на сила за зло и сила со зло. Спротивставувањето, пак, најчесто е со директна или индиректна поддршка и помош од пријател односно од пријатели. Дотолку повеќе што е најтешко непријателот да се порази трајно. Што се однесува, пак, на престорување на непријателот во пријател, најчесто по конечна поразија, јас многу не верувам во тоа. Повеќе верувам во негово притајување, сокривање зад пријателска маска, во негова мимикрија до следно непријателство со каков-годе повод или без него.

Тодор Манески ми нагласува дека во животот имал повеќе непријатели кои ги поразувал, ги поразил, но и неколкумина кои го поразиле тешко. По што му требало многу време на опоравување. Значи, искуството му е големо, а токму тоа го научило дека е најважно непријателот секогаш да е пред очи.      

Прочитај и за ... >>  Зраци меѓу призраци

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 73

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.