32. На врвица до еден врв
Ене ги конечно тој и таа
на нивната врвица
до нивниот еден врв
до небо;
фатени за раце,
сплотени во мисла,
во тишина, во збор,
во спокој;
во неизвесност дека
можеби нема заедно
совреме да го искачат.
Меѓу две провалии,
меѓу две стрмнини,
меѓу две празнини,
меѓу две осамености.
Однапред знаат,
со знаење и опит,
дека секој чекор
еден нивен, заеднички,
до последен на врвот
ќе биде еднакво тежок
еднакво лесен;
како што секој во себе
одново го преживува
своето минато
за заедно да заживеат
нова сегашност.
Ене ги конечно тој и таа
на почетокот
на нивната врвица,
во подножјето
на нивниот врв до небо,
повеќе над земја
одошто на земја.
Белки не во чекор-два
мигновени.
Конечно заедно
во воздив и издив.