Жена во црнина
пред стрмна планина
22. Нежива
Нежива е женава во црнина
што со угаснати очи
се загледала
во небеснана синевина.
Жива е само
меѓу два длабоки воздива.
Зошто? Со кого? За кого?
Не била цел живот нежива
штом е сета во црнина.
Како да наслушнувам песна
безгласна во нејзините гради.
Ту се стишува, ту се засилува
и некој ближен мртов
спомнува.
Безволно се исправа,
та трга по врвица на човек
во пајакова мрежа што стои
исправен среде круг.
Како да бил нејзин,
а веќе не е,
како да е некој туѓин
откога сета снага
ја покрила со црнина.
Нежива е женава во црнина
пред стрмнава планина,
а жива само помеѓу два
длабоки воздива.
И без мисла и без збор.
И без свое минато.
Или со дел од дамнешно
на човек во пајакова мрежа.