14. Вкоренета песна
В срце ми е вкоренета
песна јуначка народна
во која се пее
за вековит чинар
чија срцевина
памети секакви свои
и туѓи сенки
огнени, вљубени,
жални по смрт
и радосни и игриви.
Откога изгуби снага,
откога молскавица
го расече на две,
откога мрачна луња
го соголе,
откога сонце, ѕвезди
и месечина
конечно можеа
да му ги избројат
годовите, годињето,
песната јуначка
што ми е в срце
вкоренета
не ја пее никој друг
освен јас.
А и јас сè потешко
успевам да ја докажам
смислата
на нејзините зборови.